Најголемата комета некогаш видена ќе помине низ Сончевиот систем

од Stefanija Kuzmanovska

Комета каква што не е видена во запишаната историја е на пат да помине низ внатрешниот дел на Сончевиот систем за помалку од една деценија, но астрономите велат дека тоа не е причина за загриженост.

Комета 2014 UN271 првпат беше забележана за време на мисијата за истражување на темната енергија во 2014 година, но набљудувачите не знаеја дека податоците ја покажуваат кометата се до овој месец, објави Upi.com.

Откриена е и именувана од Педро Бернардинели и Гери Бернштајн, така што е позната и како комета Бернардинели-Бернштајн.

„Имавме привилегија да ја откриеме можеби најголемата комета некогаш видена – или барем поголема од која било проучена- и ја фативме доволно рано за луѓето да гледаат како се развива кога се приближува (до Сонцето) и се загрева“, рече Бернштајн од Универзитет Пенсилванија.

– Не го посетила Сончевиот систем повеќе од три милиони години – посочи тој, пренесе „Индипендент“.

Поради својата големина, некои ја нарекоа „мега комета“. Се проценува дека е широка 94-370 километри. За споредба, Халеевата комета е широка околу 5,5 км.

Се смета дека астероидот кој играл улога во истребувањето на диносаурусите бил широк околу 11 километри кога го погодил Јукатан, создавајќи кратер широк 200 километри.

Доколку „мега кометата“ ја погоди Земјата, тоа би било катастрофално, со глобални последици и климатски промени. Ако го промаши копното и падне во океанот, веројатно ќе предизвика цунами.

Сепак, експертите велат дека нема потреба од загриженост.

Иако кометата е џиновска, потребен е телескоп за да се набљудува, бидејќи нејзината орбита е многу далеку од Земјата. Ќе биде невозможно да се види сè додека не се приближи до внатрешноста на Сончевиот систем, дури и со најсилниот телескоп. Ова значи дека астрономите не знаат точно кога следната комета со долг орбитален период ќе помине низ нашиот систем се додека не се приближи до Сонцето.

Слични содржини