Направивме важен чекор напред, задоволен е Тони Крос по мечот со Франција

од Vladimir Zorba

Тони Крос, кој се врати во германската репрезентација, ја оцени атмосферата во тимот за позитивна. Во саботата вечерта „панцирите“ ја совладаа Франција со 2-0 на гости во една од последните проверки пред домашното Европско првенство кое започнува на 14 јуни.

Токму Крос го започна успехот со додавање кон Флоријан Вирц, кој го постигна првиот гол по само седум секунди игра.

„Секако дека можеме да бидеме задоволни“, изјави 34-годишниот играч од средниот ред на Реал Мадрид.

„Мислам дека направивме важен чекор напред. Сега треба да ги направиме следните пред почетокот на завршницата на Еврото за да се почувствува како ќе биде таму. Имавме добар тренинг минатата недела, но така беше и претходно, но потоа на натпреварите не ни одеше. Меѓутоа, сега можевме да покажеме на што работевме. Кога, на пример, гледам како некој како Максимилијан Мителштет дебитира во репрезентацијата, гледајќи колку смирено игра, можам да бидам задоволен“, додаде Крос.

Селекторот Јулијан Нагелсман не пропушти да го пофали светскиот шампион од Бразил 2014.

„Да бидам искрен, Тони се претстави неверојатно. Сите знаеме дека со топката во неговите нозе е исклучителен. Но, сега погледнете како му оди и на дуелите, нешто за што беше критикуван во минатото. Крос направи многу работа и беше солиден во одбраната. Она што навистина ми се допаѓа кај него е што никогаш не би знаеле дека тој е фудбалер кој постигнал толку многу. Всушност, Тони е обичен тип кој лесно се вклопува во групата и тоа е одлично“.

Слични содржини