Наскоро вакцина против ковид-19 во форма на капсула, ефективна по единечна доза?

од Stefanija Kuzmanovska

Premas Biotech работи на развојот на вакцини и технологии за третман на разни болести, а неодамна објави дека во соработка со Oramed Pharmaceuticals Inc. работат на развој на орална вакцина против ковид-19. Тоа е вакцина во форма на капсула, која е ефективна веќе по првата доза.

Со цел да ја пласираат својата вакцина на пазарот што е можно поскоро, Biotech, Oramed и другите акционери ја основаа Оравакс Медикал Инк. По единечна доза од капсулата Оравакс, производството на антитела започна во пилот студија спроведена врз животни, што укажува на ефикасноста на оваа вакцина.

Вакцината Оравакс стимулираше и системски имунолошки одговор преку имуноглобулин Г (IgG), најчестото антитело во крвта и телесните течности кое штити од вирусни инфекции и имуноглобулин А (IgA) кој ги штити респираторниот и гастроинтестиналниот тракт од инфекција.

Досегашните податоците покажуваат дека вакцината е безбедна, ефикасна и дека произведува високи титри на неутрализирачки антитела, пренесува Business wire. Ко-основачот и извршен директор на Premas Biotech др. Прабудда Кунду изјави дека оваа вакцина може брзо да напредува во доцните фази на клиничките испитувања и најави дека клиничките податоци треба да бидат објавени наскоро.

Извршниот директор на Oramed, Надав Кидрон изјави дека е возбуден затоа што нивниот кандидат за вакцини може да помогне побрзо да се стави крај на пандемијата.

„Оралната вакцина против ковид-19 ќе елиминира голем број бариери за дистрибуција на вакцините и ќе им овозможи на луѓето да ја примаат вакцината сами дома“, рече Кидрон, истакнувајќи дека ова исто така ќе биде клучната придобивка на вакцината во облик на капсула доколку е потребена вакцинација против ковид-19 секоја година.

Слични содржини