НАТО ги усвои целите на способности за С. Македонија

од Nikola Popovski

Министрите за одбрана на 30-те земји – членки на Алијансата за време на дводневните состаноци на Северноатлантскиот совет ги усвоија целите на способности за Северна Македонија, за прв пат по членството на нашата земја во Алијансата.

-Ова е членството во НАТО. Кога со американскиот секретар за одбрана и генералниот секретар на НАТО можеме заеднички да одлучуваме за структурата на Алијансата и најдобрите политики за гаранција на безбедноста и просперитетот на сите 30 земји членки, меѓу кои и Северна Македонија, објави синоќа министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која овие два дена учествува на првиот физички министерски состанок на НАТО Алијансата.

Целите на способности го покажуваат правецот во кој ќе се развиваат силите и капацитетите на НАТО-армиите. Тие се дел од планирачкиот процес на Алијансата и земјите – членки и нивна основна задача е да ја зацврстат колективната одбрана на НАТО. Овој процес овозможува земјите – членки меѓусебно да се поддржуваат и помагаат во справувањето со идните предизвици, особено имајќи предвид дека секоја земја развива специфични капацитети, кои заедно ја прават Алијансата поцврста и поспремна да ја гарантира безбедноста и стабилноста на евроатлантската област.

Во изјава за МИА, Шекеринска објасни дека министрите за одбрана на Алијансата ќе разговараат денеска за иднината на Авганистан, но и за лекциите што треба да се извлечат од оваа дводецениска мисија откако американските сили напуштија, а Талибанците се вратија на власт.

На прашање дали смета дека НАТО членките треба да ги прифатат Талибанците како легитимен соговорник, Шекеринска вели дека на нив останува да се докажат.

Слични содржини