Научници развиваат батерии на вода што може да се рециклираат: Дали би можеле да ги заменат литиумските?

од Vladimir Zorba

Со вода, светот би можел да го отвори патот кон поодржливи и побезбедни алтернативи на конвенционалните батерии. Ова беше откриено од меѓународен тим на истражувачи предводени од Кралскиот институт за технологија во Мелбурн (RMIT).

Постојат три клучни компоненти на секоја батерија: катода, анода и електролит. Во батериите што ги користиме секој ден, како што се литиум и олово, како електролит се користи хемиски раствор, кој штом еднаш ќе се искористи, не може така лесно да се врати.

Имајќи го тоа на ум, научниците ги замениле опасните хемикалии во лабораторијата со вода. Обична, чиста вода што ја пиеме.

„Сепак, во таа вода додадовме адитиви како што се неоргански соли“, објаснува за „Гардијан“ главниот автор на студијата Тиани Ма.

Резултатот се водени батерии на база на магнезиум, кои, за разлика од литиумските батерии, не можат да се запалат или да експлодираат.

Но, тоа е само прва во низата нивни позитивни страни. Следна е можноста за повторна употреба и рециклирање.

„Нашите батерии можат безбедно да се расклопат и материјалите повторно да се искористат или рециклираат, со што се решаваат предизвиците за отстранување на крајот на работниот век со кои се соочуваат потрошувачите, индустријата и владите ширум светот со актуелната технологија за складирање енергија“, нагласи Ма.

Водните батерии се првенствено погодни за развој на големи складишта на енергија и за интеграција на обновливи извори, особено ако се земат предвид нивните предности кога станува збор за безбедноста.

Но, во иднина нивното поле на примена би можело да се прошири…

„Како што напредува нашата технологија, други апликации за складирање енергија од помал обем би можеле да станат реалност, како што се напојување домови и електронски уреди за забава.

Водните батерии содржат магнезиум и цинк кои се широко распространети во природата, евтини и помалку токсични во споредба со материјалите во другите видови батерии.

Со намалените трошоци доаѓаат и помали ризици по здравјето на луѓето и животната средина. А згора на тоа, процесот на производство е едноставен, што би овозможило масовно производство на батерии за вода.

Дали тоа значи дека наскоро можеме да очекуваме нивна комерцијализација? Зависи што значи „наскоро“.

Водните батерии имаат потенцијал да ги заменат оловните батерии на краток рок – за две до три години, како и потенцијално да ги заменат литиумските батерии малку подоцна, пет до десет години од сега, откри Тиани Ма.

Слични содржини