Научници тестираа маски, откриено кои се најмалку ефикасни

од Vladimir Zorba

Коронавирусот, непотребно е да се каже, не оди никаде. Бројот на нови случаи на глобално ниво беше во пораст до крајот на минатиот месец, а бројот на дневни смртни случаи, по драстичен пад од крајот на април, повторно драматично се зголемува. Бројот на потврдени случаи од почетокот на пандемијата надмина 20 милиони, повеќе од 6 милиони случаи на коронавирус се сè уште активни, а повеќе од 734 илјади луѓе починале.

Но, враќањето во целосен карантин е малку веројатно, ниту во Америка, ниту во Македонија. Во исто време, маските се, и покрај нерационалниот отпор и дезинформациите што се шират околу нив, едно од најефикасните оружја за борба против новиот бран епидемии, што го потврдија новите истражувања и експерти за јавно здравје ширум светот.

Тим истражувачи од Катедрата за физика при Универзитетот Дјук во САД, спроведоа едноставен експеримент за да ја тестираат ефективноста на различни типови маски за да утврдат која најдобро го спречува ширењето на вирусот.

Еден од авторите на студијата излезе со идеја кога му помагаше на локалното здружение да купи маски на големо за локалната заедница. Професорот сакаше да биде сигурен дека здружението ќе купи маски кои се навистина ефикасни, пишува Си-Ен-Ен.

Едноставен тест со помош на ласер, камера за мобилни телефони и кутија

Затоа, истражувачите користеле релативно едноставен метод за да ја тестираат ефективноста на различните маски, користејќи ласерски зрак и мобилен телефон, да го анализираат преносот или ширењето на респираторните капки кои излегуваат од устата на еден човек што разговара – додека не носи маска и додека носи различни видови маски.

Студијата беше објавена во петокот во научното списание на „American Association for the Advancement of Science“ со наслов „Евтино мерење на ефективноста на маските за лице во филтрирањето исфрлени капки за време на говорот“.

„Ние користиме црна кутија, ласер и камера. Ласерскиот зрак се шири вертикално за да формира тенка површина на светлина што осветлува низ процепите на левата и десната страна на кутијата“, рече еден од авторите на студијата, професорот Мартин Фишер, за Си-Ен-Ен.

Имено, кутијата имала дупка од предната страна во која може да зборува лицето што учествува во експериментот. А камерата за мобилни телефони на задниот дел од кутијата ја снимила светлината, која во сите насоки ги распрскува капките кои минуваат низ ласерскиот зрак.

Тогаш алгоритмот на компјутерот ги брои капките што се гледаат на сликата.

N-95 маски се најефикасни, но без вентили

Истражувачите тестирале 14 широко достапни маски, вклучувајќи професионална маска со филтер N-95 за микроскопски фини честички, најчесто користени од здравствени работници. Секоја маска беше тестирана 10 пати, при што истата личност зборуваше без маска како контролно сценарио.

Маските N-95 беа, како што се очекуваше, најефикасни, со еден важен детаљ – маската N-95 без вентил беше многу поефикасна во задржувањето на респираторните капки на носителот отколку маската N-95 со вентил, бидејќи овој вентил создава силен проток на воздух кон надвор.
Истражувачите истакнуваат дека вентилот не ја намалува заштитата на носителот, но може да ја намали заштитата на оние околу него, со што маската N-95 без вентил генерално е поефикасна.

Двете памучни маски не беа многу полоши од хируршките

По нив следеле трислојни хируршки маски, но дури и двослојните памучни маски, сошиени според упатствата на Американскиот центар за контрола и превенција на болести, немале многу полош резултат. Интересно е што, маските со вентил N-95 работеа полошо – односно помалку ги штитат другите – отколку памучните маски.

Маските кои честопати се врзуваат околу вратот (анг. gaiter mask), честопати користени од џогери и велосипедисти, беа најмалку ефикасни, а плетените маски и марамите, исто така беа на дното во однос на бројот на честички што ги сопираат.

„Бевме крајно изненадени кога видовме дека бројот на честички што минуваат низ „gaiter mask“, всушност го надминува бројот на честички што минуваат без никаква маска“, рече Фишер.
Причината е веројатно дека со вакви маски материјалот разложува поголеми капки во помали што сè уште минуваат и со тоа се зголемува нивниот вкупен број, но исто така го олеснува нивното пренесување преку воздухот.

„Сакаме да потенцираме дека навистина ги охрабруваме луѓето да носат маски, но сакаме тие да носат маски кои навистина функционираат“, заклучи Фишер.

Слични содржини