Рускиот опозиционер Алексеј Навални го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека стои зад неговото труење, пишува денес германскиот весник „Шпигел“.

„Тврдам дека Путин стои зад тоа, не гледам друго објаснување“, рече Навални во интервју за „Шпигел“.

Навални рече дека сега е негова должност „да остане таков каков што е, некој кој не се плаши“. „А јас не се плашам“, порача тој.

Според „Шпигел“, Навални во интервјуто кое ќе биде објавено во целост подоцна денес, кажал дека има намера да се врати во Русија откако ќе се опорави.

Навални се наоѓа во Берлин на рехабилитација по хоспитализација поради труење со агенсот „новичок“.

Навални (42), најистакнатиот противник на рускиот претседател Владимир Путин, беше префрлен во Германија два дена откако му се слоши на 20 август на домашен лет во Русија.

Германски експерти за хемиско оружје утврдиле дека Навални бил отруен со агенсот „новичок“ од времето на Советскиот Сојуз, што го натера Берлин да побара од Русија да го испита случајот.

Членовите на неговиот тим го обвинија Кремљ за вмешаност во труењето, а тие обвинувања беа цврсто негирани од руските власти.

Кремљ жестоко реагираше на повиците на германската канцеларка Меркел и други лица да одговорат на прашањата за труењето.

 

Слични содржини