Немири во неколку градови во Шведска, започнаа по палење на Куранот

од Vladimir Zorba

Во саботата вечерта избувнаа немири во јужна Шведска и покрај тоа што полицијата превентивно го премести собирот на антиисламската екстремно десничарска група која планираше јавно да го запали Куранот.

Пријавени се тепачки и немири во јужниот град Ландскрона, бидејќи демонстрациите закажани таму од данската десничарска партија „Страм Курс“ (Тврда линија) беа префрлени во блискиот град Малме.

Речиси стотина, главно млади луѓе фрлале камења, палеле автомобили, автомобилски гуми и канти за ѓубре и го попречувале сообраќајот со барикади, соопшти шведската полиција.

Ситуацијата во Ландскрона доцна вечерта се смирила, но се уште е тензично, соопшти полицијата, додавајќи дека нема повредени.

Демонстрации се одржаа и во Малме во саботата вечерта, каде лидерот на „Страм Курс“, Расмус Палудан одржа говор, иако се собраа само неколку десетици луѓе. Мал број контрадемонстранти ги гаѓаа со камења, а полицијата ги растера со „бибер спреј“.

Шведската полиција се подготвува за немири по судирите во петокот меѓу демонстрантите и контрадемонстрантите во градот Оребро, каде десничарските групи првично имаа намера јавно да го запалат Куранот.

Ким Хилд, портпаролка на полицијата во јужна Шведска, рече дека полицијата не ја повлекла дозволата за саботните демонстрации на „Страм Курс“, бидејќи Шведска „ја цени слободата на говорот“.

Во немирите во Оребро во петокот беа повредени 12 полицајци, а четири полициски возила беа опожарени.

Судири се случија во последните денови во Стокхолм, каде што екстремистите го запалија Куранот, и во градовите Линкопинг и Норчепинг, каде што „Страм Курс“ планираше или спроведе демонстрации.

Расмус Палудан, дански адвокат кој има и шведско државјанство, го основал „Страм Курс“ во 2017 година. На веб-страницата на партијата, чија програма е антиимиграциска и антиисламска, се наведува дека „Страм Курс е најпатриотската политичка партија во Данска“.

Слични содржини