Nissan сака да лансира спортски модел за помлада клиентела

од Vladimir Zorba

Верувале или не, поминаа десет години откако Nissan го претстави концептот IDx на салонот во Токио.

Тоа беше „влезен“ спортски модел со Nismo планирана верзија. Десет години подоцна, сè уште нема сигнал за евентуално сериско производство. Сепак, се појави трошка надеж дека модел позициониран под Z може да ја види светлината на денот, се вели во изјавата на шефот за планирање производи на Nissan, Иван Еспиноза, дадена за Top Gear.

„Во зависност од тоа во која временска точка ќе изберете, ние отсекогаш сме ги имале GT-R и Z, и секогаш сме имале влезен модел, без разлика дали е во форма на „hot hatch“ како Pulsar или нешто друго околу тој ценовен опсег. Денес ни недостига тоа, таа позиционираност во однос на цената и перформансите“.

Кога станува збор за конфигурацијата на каросеријата, Еспиноза вели дека нема да биде хечбек. Тоа ќе биде „помал електричен спортски автомобил“ и „малку подостапен“, насочен кон клиентела во раните дваесетти години. За да привлече такви млади купувачи, Еспиноза вели дека дебитантот мора да биде „возбудлив и примамлив за возење“, нудејќи и Nismo дериват.

Некој би помислил дека Nissan всушност цели на електричен модел кој на нишан ги има Toyota GR86, Subaru BRZ и Mazda MX-5. Сепак, работите не се толку едноставни. Новодојденецот би морал да чини помалку од најевтиниот Z, односно на ниво на Toyota GR86, што во моментов изгледа невозможно за спортски електричен автомобил, дури и ако е на „влезно ниво“.

Јапонските ривали размислуваат и за хибридни или електрични автомобили со перформанси, што може да се види на саемот за мобилност во Јапонија, каде се појавија концепти како Honda Prelude, Mazda Iconic SP и Toyota FT-Se. Nissan имаше и своја сила во форма на Hyper Force, која треба да ја најави неизбежната електрична иднина на GT-R.

Во септември 2021 година, потпретседателот за дизајн на Nissan за Европа, Метју Вивер, ја сподели својата работа поврзана со хипотетичкото оживување на моделот Silvia, не долго откако се појавија „сочни“ гласини во јапонскиот магазин Best Car, за електричен автомобил со тоа име кој би се појавил најрано во 2025-та. Секако, сето тоа треба да се земе со резерва.

Слични содржини