Нотр Дам две години по пожарот сè уште чека обнова

од Stefanija Kuzmanovska

На 15 април 2019 година, Франција и светот со ужас гледаа како пожарот ја зафати катедралата Нотр Дам во Париз, плашејќи се дека човештвото ќе ја изгуби засекогаш.

Кулата се сруши и голем дел од покривот беше уништен, но пожарникарите сепак успеаја да ја зачуваат грандиозната средновековна зграда.

Патот до обновување, сепак, е долг и тежок и се очекува неговата стара слава да биде вратена дури во април 2024 година, пет години по пожарот.

Сè уште не е утврдена причината за пожарот, иако истражителите ја отфрлаат идејата дека тој бил предизвикан намерно. Можни причини се краток спој или фрлен отпушок од цигара.

Најмалку две телевизиски драми и еден долгометражен филм се подготвуваат за 15 април, така што кобната ноќ и трката за спасување на зградата стара 850 години ќе бидат цврсто запишани во меморијата на јавноста.

Веднаш по пожарот, претседателот Емануел Макрон нареди обнова на катедралата за пет години, што значи дека таа може да биде отворена за посети кога Париз ќе биде домаќин на Олимписките игри летото 2024 година.

„Ќе се вратиме во катедралата за богослужба во 2024 година. Но, има уште многу работа да се заврши“, рече минатиот месец Жан-Луј Жоржелин, генералот задолжен за реновирање.

Работите допрва треба да започнат. Досега е направена работа за обезбедување на зградата, вклучително и макотрпно отстранување на 40.000 парчиња скелиња калцифицирани во пожарот.

Слични содржини