O2 Иницијатива: Арборетумот во с.Трубарево од споменик на природата во споменик на негрижата

од Берта Китинска

Арборетумот во Општина Гази Баба, во близина на скопското село Трубарево е пример како нешто грижливо формирано и одржувано со децении, во денешното раскрчмено општество станува рефлексија на истото, запуштено и предмет на грабање, велат од O2 Иницијатива .

Оттаму додаваат дека арборетумот е оформен во 1953 година од страна на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје за научни истражувања и настава во природа и во него се засадени околу 600 вида од нашата автохтона дендрофлора и од сите континенти, посебно од Европа, Азија и Северна Америка, на површина од 3.3 хектари.

– Состојбата што ние ја видовме е очајна, од прекрасна природа, исполнета со црцор на птици до остатоци од некогашните објекти, кои се уништуваат и разграбуваат, расфрлен градежен шут и мирис на стока од диво направено трло за овци на самиот влез во Арборетумот. Ретки дрвја и бабмус се сечат затоа што нема никој да го заштити ова ретко природно богаство кое го имаме во близина на главниот град на државата.

Пред 4.5 години Министерство за образование и наука ги повлекло средствата за одржување, УКИМ Шумарски факултет во Скопје нема средства да го одржува и оставено е да пропаѓа и се разграба.

Срам е за една држава до толку да се нема средства да се одржи нешто во кое се вложувало и се одржувало над 60 години, да се нема да се заштити заштитеното подрачје.

Чуму прогласување на споменици на природата кога нема кој да се грижи за нив? Состојбата и со Острово и со Езерце, уникатни екосистеми е поразителна. Ѓубре, градежен шут, истурање на отпадни води во нив.
Како споменик на целата наша државна негрижа за вистинските вредности останала да сведочи таблата за „Споменикот на природата на РМ“.

Градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски, не презел ништо да го спречи ова. Наместо да се наплаќа влез во овие локалитети, наместо промоција на ретките убавини што ги има во себе Гази Баба, нему фокусот му е во градење на што повеќе нови згради, трговски центри и отворање на нова индустрија, како таа за топење на цинкова прашина за која јавната расправа уште ја чекаме, информираат од иницијативата.

Слични содржини