Обдукции на починатите од корона покажаа: Оштетување на мозокот слично на она по мозочен удар

од Stefanija Kuzmanovska

Со обдукции на починатите од ковид 19 откриени се бројни детали за широко распространето воспаление и оштетување на мозочните ткива, а тоа може да помогне да се разберат бројните невролошки симптоми што се појавиле кај некои пациенти, кои вклучуваат: главоболки, губење на меморијата, вртоглавица, слабост и халуцинации, па дури и посериозни напади и мозочни удари.

Некои проценки сугерираат дека до 50 проценти од хоспитализираните пациенти со ковид 19 може да имаат невролошки симптоми кои ги спречуваат да ги извршуваат своите вообичаени должности, како што се подготвување оброци. Новиот извештај за овој вид на симптоми и влијанието на короната врз мозокот е објавен во New England Journal of Medicine.

Светли дамки на мозокот

„Бевме целосно изненадени. Прво очекувавме штета предизвикана од недостаток на кислород“, рече Авиндра Нат, доктор и клинички директор во Националниот институт за здравство (НИХ), додавајќи: „Наместо тоа, видовме мултифокални области на оштетување кои обично се поврзани со мозочни удари и невроинфламаторни заболувања“.

Истражувачите на NIH, вклучувајќи го и д-р Мионг-Хва Ли, ги испитале мозочните ткива на 19 луѓе кои починале од ковид. Тие биле на возраст од пет до 73 години, а многумина биле изложени на ризик од посериозна форма на корона затоа што страдале од дијабетес и кардиоваскуларни заболувања.

Со MRI микроскопија, тим на лекари идентификуваше 10 пациенти со абнормалности во мозокот. Микроскопското истражување откри хиперинтензитети – светли дамки на микрографската слика на примероци од мозок, за кои микроскопијата со флуоресценција покажа дека станува збор за фибриноген (крвен протеин) кој се излевал.

Т-клетките и мозочните специјализирани имунолошки клетки, микроглија, ги опкружувале овие места кај голем број пациенти, а имало и темни области на згрутчено крварење, што ги наведува научниците да заклучат дека овие пациенти доживеале повеќекратни мали мозочни крварења – еден вид штета што најчесто е поврзана со воспаление во мозокот.

„Многу мали крвни садови во мозокот се излевале“, рече д-р Нат.

Важно е да се напомене дека не само оние сериозно болни пациенти кои бараат интензивна нега или кои веќе имаат одредени болести, покажале невролошки симптоми.

„Ја видовме оваа група на помлади луѓе без конвенционални ризици кои имаат мозочни удари и пациенти со акутни промени во менталниот статус, за кои не се објаснува поинаку“, рече неврологот од Универзитетот во Ливерпул, Бенедикт Мајкл, пред неколку месеци.

Слични содржини