Објавена пресудата: Судскиот совет незаконски и без образложение ја разрешил Дамева

од Nikola Popovski

Управниот суд денеска јавно ја објави одлуката во која ја уважи тужбата на поранешната претседателка на Судскиот совет Весна Дамева, и таа сега во рок од 30 дена треба да се врати на функцијата.

Според пресудата, Советот не ги образложил причините за разрешувањето на Дамева.

-Во конкретниот случај, Судот најде дека образложението на оспорената Одлука е нејасно, односно тужениот орган во истата не дал никакви образложени причини поради кои го разрешува од функција сега тужителот, не ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба, посебно ниту утврдените факти, кои што согласно утврдената фактичка состојба упатуваат на донесување на онаква Одлука како што е дадена во диспозитивот на истата.

Имено, во образложението на оспорената Одлука, тужениот орган само навел дека со мнозинство на гласови на членовите со право на глас била изгласана недоверба на сега тужителот како претседател на С. с., по што и била донесена Одлуката за разрешување со мнозинство гласови од присутните членови со право на глас. Во истото не се наведени ниту причините поради кои барањата, предлозите и тврдењата од сега тужителот не биле земени во предвид, ниту се наведени законски одредби, по кои била спроведена постапката која претходела на донесувањето на оспорената Одлука, со оглед на тоа дека истиот само се повикува на член 38 од Законот за Судскиот совет на Република С.М., со која законска одредба само се регулира работата на седници на Совет, се наведува меѓу другото во Одлуката на Управниот суд.

Дамева на 26 април лани беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет. На седницата на Судскиот совет настана расправија откако Дамева одби да стави точка на гласање која ја немаше во дневниот ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми тогаш го презеде раководењето со седницата и сповика на гласање за нејзино разрешување, при што седум члена (вклучително и Адеми) гласаа „за“, а тој констатираше дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.

По разрешувањето, Дамева во мај поднела тужба до Управниот суд за начинот на кој беше разрешена од функцијата, а до Основното јавно обвинителство Скопје доставила и кривична пријава.

Весна Дамева беше избрана за претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска во декември минатата година. Функцијата претседател на Судски совет досега ја извршуваше Сашко Георгиев, кој дојде на нејзино место.

Слични содржини