Од 1. март слободен пазар на труд во Отворен Балкан: Србија може да собере мал „дел од медот“ од Македонија, Албанија потешко

од Nikola Popovski

Слободниот пазар на труд меѓу земјите од Отворениот Балкан – Македонија, Србија и Албанија, треба да започне на 1-ви март. Веќе во април или мај нашата земја би можела да ги добие првите пари од Планот за раст на Западен Балкан што го подготви Брисел. Ова е епилогот од вчерашниот Самит во Скопје меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ. Како што соопшти владината прес-служба, министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, со колегите од Србија и Албанија, го потпишаа Протоколот за меѓусебно поврзување на шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан. Детално објаснето ова значи дека работниците од Албанија и Србија ќе можат да дојдат во Македонија и да работат без никакви административни или други пречки и без потреба да имаат дозвола за престој или работа.

Поголем увоз или извоз на работници?

Дел од експертите сметаат дека генерално малите економии и пазари имаат голема потреба за окрупнување и тоа најмногу во случајот пазарот на трудот. Универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети посочува дека е добро што се либерализира пазарот на трудот и од 2 милионски веднаш станува 12-13 милионски пазар. Тоа индивидуално значи поголеми можности, а можностите во економијата се предуслов за развој.

проф. Абдулменаф Беџети

-Секако за дел од човековите ресурси од македонскиот пазар може да биде атрактивно да работат во Албанија или Србија. Берем засега нема некоја разлика во цената на трудот-просечните плати тука се движат со плус минус 10-15%, која не може да биде атрактивна за да се промени средината. На ниво на макроекономија би значело поголема можност за утилизација на човековите ресурси кои не можат да се искористуваат во помали пазари со помали можности, вели Беџети во разговор за „Локално“.

Сепак, тој стравува од губење на дел на специфични професионални профили (ИКТ индустрија, енергетика, земјоделие, угостителство,и сл) кои би биле привлечени од поголеми и крупни коорпорации (како мултинационални и домашни) кои делуваат во Србија или пак во Албанија.

-Србија може да биде сериозен конкурент во специфичните профили и да собере мал „дел од медот“ од Македонија. Од Албанија и поради јазикот но и култутурата не мислам дека може да собере некаков „мед“! Немам информации дали се направени соодветни и специфични сегментарни анализи пред да се настапуваа во овие зафати. Барем од науката не е побарана некоја научна анализа која би требало да ја има пред либерализација на било кој сектор, а поготово работната сила или пазарот на труд кој станува се повеќе асиметричен кај нас, нешто што многу пати го имаме подвлечено како ризик, посочува професорот.

Во принцип, додава Беџети, секое зголемување на пазар значи искористување на можности и потенцијали кои се основен предуслов за развој.

-Имено јас би сакал да верувам дека ќе има индиректен позитивен поттик на пазарот на трудот бидејќи ќе се зголеми конкуренцијата оти обично таа носи позитивни резултати на среден и долг рок. Но, конкретно во овој случај не можам со поголема сигурност да тврдам затоа што не се направени претходни студии и анализи. Се знае дека во Македонија има понуда за специфични професионални профили од околу 10 илјади вработени, а не може да се најдат на пазарот на трудот. Ако се увезуваат може да има позитивен импакт врз рамнотежа на пазарот на трудот, оценува соговорникот.

Штом поминат ратификациите, за да може практично да се спроведе оваа мерка, на секој заинтересиран граѓанин на Отворен Балкан ќе му се издава идентификациски број. Преку веб порталот за електронски услуги граѓаните ќе може да го добијат тој идентификациски број и со тоа практично нема да мора да вадат работна дозвола за Северна Македонија, Србија или Албанија.

Штом се генерира тој идентификациски број тоа значи дека системите за електронски услуги на Србија и Албанија ќе ги препознаваат граѓаните како индивидуи со право на одредени услуги, во случајов тоа би било слободно да работат во една од овие земји.

Со мерката практично се отстрануваат административните бариери за работен ангажман. Ако сега за работна дозвола се чека по два или три месеци и има и административни такси, со оваа мерка се отстрануваат чекањето и бирократиите и се либерализира пазарот на труд, додека платите, придонесите, сместувањето, работникот си ги обезбедува сам или пак фирмата каде што се вработува.

Српскиот министер за информации и телекомуникации, Михаило Јовановиќ, денеска изјави дека единствениот пазар значи дека работниците од Албанија и Македонија ќе можат да доаѓаат во Србија и да работат без никакви административни или други пречки и без потреба да имаат дозвола за престој или работна дозвола. Истакнал дека истото ќе важи и за граѓаните на Србија кога ќе одат во Албанија или Македонија.

Додал дека идејата е да се има единствен дигитален систем и дека граѓаните можат сторат се преку интернет и мобилен телефон.

„Секој што има профил на порталот „eUprava“ ќе може истовремено да стане државјанин на Отворен Балкан и да го добие својот матичен број и веднаш да аплицира за слободен пристап до пазарот на трудот“, открил Јовановиќ.

Тој посочил дека трите држави ќе создадат единствена база на податоци за сите граѓани и сите слободни работни места и дека Националната служба за вработување е составен дел на тој голем систем.

Н.П.

Слични содржини