Одложено судењето за „Таргет-Тврдина“ поради измените на КЗ

од Nikola Popovski
186 прегледи

Јавното обвинителство за гонење организран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска побара одлагање на рочиштето за случајот со масовното прислушување Таргет-Тврдина со образложение дека му треба време да одлучи како ќе се произнесе за кривичните дела за кои се судат обвинетите во овој случај.

„Имајќи ги предвид одредбите од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (КЗ) односно правните прашања кои произлегуваат од истиот и нивното влијание на правната квалификација на кривичните дела за кои се гонат обвинетите додека се донесе соодветна јавнообвинитеска одлука, барам да се одложи закажаната расправа“, пишува во поднесокот што обвинителот го достави до Кривичниот суд Скопје.

Поради ова, судијата Илија Трпков го одложи судењето за 4-ти октомври.

Овој предмет пак влезе во судница откако во декември минатата година Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда од 2021 со која екс-директорот на УБК Мијалков беше осуден на 12, а поранешната министерка за внатрешни работи Јанкуловска на 4 години затвор за учество во масовното повеќегодишно прислушување политички опоненти, новинари, бизнисмени, граѓански активисти…

Во предметот, покрај Мијалков и Јанкуловска, беа обвинети 11 лица, кои со првостепената пресуда беа осудени на вкупно 55 години затвор и 10 години условна казна затвор. Поради опасност од застарување на дел од делата, оние на Мијалков веќе во 2025 година, се најавуваше забрзана динамика на судските рочишта.

Со новиот предлог закон за измени на Кривичниот законик (КЗ) се предлага намалување на казните за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување, се брише ставот 5 од членот 353 кој ја санкционира злоупотребата на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот и на јавните фондови за кој беше предвидена казна од најмалку 5 години затвор, максималната казна затвор за Злосторничко здружение се намалува од 10 на 3 години, а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот. Со намалување на висината на казната на конкретните дела се намалува и должината на нивното застарување

Слични содржини