Округ во Кина ставен во изолација: 600.000 луѓе во карантин, откриен нов случај на коронавирус

од Aleksandar Petrovski

Околу 600.000 жители во централна Кина се ставени во изолација откако едно лице било позитивно на тестот на коронавирус, бидејќи земјата се плаши од нов бран епидемија која избувна во декември 2019 година и се рашири во целиот свет.

Властите во округот Џија, на околу 800 километри од Пекинг во провинцијата Хенан, соопштиле дека жителите од сега не може да ги напуштат своите домови без дозвола.

Според директивата, само лица со посебна дозвола од надлежните можат да одат на работа, додека возилата можат да возат секој втор ден, во зависност од регистарската табличка.

Според Франс прес, официјалната причина не била објавена.

Една жена која ја посетила областа била позитивна на тестот по контакт со лице кое немало симптоми на болеста, соопштија локалните власти.

Кина денеска објави дека се регистрирани 55 нови заразени лица кои, сепак, немаат никакви симптоми на болеста, при што над 1.000 лица се под медицински надзор.
Франс прес додава дека во Кина се регистрирани 35 нови „увезени“ инфекции, заради кои привремено се затворени границите за повеќето странци и драстично е намален бројот на меѓународни летови.

На секој што влегува во Кина, му се дава карантин од 14 дена.

Од почетокот на епидемијата со коронавирус, во Кина се заразени 81.589 лица, а 3.318 починале.

Слични содржини