Опозицијата ќе го гласа Законот за одбрана ако се тргне делот за АРМ, власта им порача – лицемерни сте

од Aleksandar Todeski

Законот за одбрана нема да постигне дво третинско мнозинство ако од него не се извади членот со кој Армијата ја добива додавката „Северна“ согласно Преспанскиот договор. Пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец тврди дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го покажува лицемерието, бидејќи во Европската Народна Партија не им смета што се партија од Република Северна Македонија, а истото им смета во Законот.

„За овој закон е потребно дво-третинско мнозинство и затоа е потребно и препорачливо да го поддржат сите пратеници. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го покажува лицемерието. Со најавите дека нема да го гласаат Законот за одбрана, Христијан Мицкоски и пратениците делуваат против еден од најважните закони за НАТО. Додека се остваруваат стратешките интереси на државата, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски тераат дневна политика и деструктивно однесување. Мицкоски е ист како Груевски, затоа граѓаните на 12. април ќе ги прегазат нивните политики и ќе поддржат пат кој води кон членство во НАТО и забрзано кон влез во ЕУ“, рече Локвенец кој додаде дека еден од условите со кои се усогласуваат законските регулативи со НАТО стандардите е и овој Закон, односно Член 5 став 2.

Очекувањата на владејачкото мнозинство се дека истиот ќе биде изгласан со консензус и затоа ја повикаа опозицијата да го гласа Законот.

„По она кое го имаме слушнато, само за забелешката поврзано со името на Армијата. Средби имавме, баш поради тоа се услогласени сите делови од Законот кој треба да помине денеска. Очекувам опозицијата да го измени својот став“, истакна Локвенец.

Опозицискиот пратеник Емил Димитриев пак, истакна дека тие прифаќаат се што значи усогласување со НАТО стандардите, но дека може да почека додавката „Северна“ во името на АРМ.

„Прифаќаме се што е за усогласување со НАТО стандардите, но работата е што не се однесуваат на усогласувањето, тоа е за промена на името на АРМ. Ако го извадат членот кој се однесува за менување на името на АРМ од Законот за одбрана, ние ќе гласаме. Сметаме дека промена на името на АРМ може да се направи и подоцна“, рече Димитриев.

Инаку Законот за одбрана е ставен на денешната пленарна седница, која почна со доцнење од еден час.

А.Т.

Слични содржини