Орбан: Добивме гаранции дека наши средства нема да бидат испратени во Украина

од Stefanija Kuzmanovska

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска објави дека неговата земја добила гаранции дека средствата на Унгарија од фондовите на Европската унија нема да бидат испратени во Украина, поради што гласаше за испраќање на пакетот помош за Киев во вредност од 50 милијарди евра.

Според него, Унгарија имала две грижи – дека нејзините пари од фондовите на ЕУ ќе бидат испратени во Киев и дека Унијата ќе одлучи да додели пари на Украина за „премногу долг период без проверка“.

„На крајот развивме механизам кој гарантира разумно користење на средствата во Украина и добивме гаранции дека унгарските пари нема да завршат во Украина. По долги преговори, го прифативме овој предлог“, рече Орбан во видео пораката објавена на Фејсбук.

Сите 27 лидери постигнаа договор за дополнителен пакет поддршка за Украина од 50 милијарди евра, во рамките на буџетот на ЕУ.

Лидерите на ЕУ со тоа успеаја да го надминат противењето на Унгарија за обезбедување финансиска помош за Украина.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно изјави дека Унгарија е подготвена да учествува во одлуката на ЕУ да ѝ пружи помош на Украина, но со гаранции дека секоја година ќе се одлучува дали ќе се издвојуваат пари за нова помош или не.

Орбан стави вето на помошта од 50 милијарди евра за Украина на претходниот самит на Европскиот совет, кој се одржа во средината на декември.

Слични содржини