Организацијата на потрошувачи предупредува на катастрофалните последици од новите поскапувања

од Vladimir Zorba

Организацијата на потрошувачи предупредува на катастрофалните последици од новите поскапувања на стратешките прехрамбени производи врз стандардот на ранливите категории граѓани. Станува збор за дел од населението кое тешко преживуваше и во услови на примена на антикризни мерки, што само по себе го мултиплицира размерот на негативните последици. Во услови на се поекстремна светска политичка и економска криза, велат познавачите, се стеснува и менаварскиот простор за начинот на кој македонските граѓани можат да се заштитат.

„Правењето на резерви нема многу да придонесе во подобрување на стандардот на потрошувачите бидејќи цените нема да се намалат. Граѓаните можат да штедат со намалување на потрошувачката на електрична енергија, намалување на купување на производи кои не се неопходно потребни, но не и на купување на прехрамбени прозиводи“, изјави за „Локално“, Татјана Тасевска од Организацијата на потрошувачи.

Според анализите на Организацијата, потрошувачите сметаат дека антикризни мерки не се доволни за подобрување на нивниот стандард.Сепак, некои од досегашните чекори за помош ги оценуваат како добредојдени, но оставаат простор за потребата од нови, дополнителни.

„Секако ги поздравуваме напорите на Владата за покачувањето на минималната плата, поддршката на пензионерите со 1.000 денари месечно во наредните три месеци и поддршката на ранливата категорија на потрошувачи со 1.000 денари месечно, но сметаме дека ситуацијата треба да се прати секојдневно и доколку е потребно да се интервенира со нови дополнителни антикризни мерки“, вели Тасевска.

Со првиот ценовен шок граѓаните се соочија уште вчера, откако Владата не ги продолжи мерките за заштита на стандардот и ги врати маржите и ДДВ на основните прехрамбени производи. Нафтените деривати од денеска се продаваат за износ поголем од 100 денари за литар а цените на брашното, млекото, лебот, оризот, јајцата, маслото за јадење уриваат рекорди. До крајот на месецов ја чекаме и одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за новата цена на струјата и новите тарифни модели.

Во интервју за „Локално“, даночниот експерт Павле Гацов вчера посочи дека одмрзнувањето на цените силно ќе се одрази и на инфлацијата.

„Како ефект на зголемените јавни давачки и укинатите маржи, државата ќе искаже зголемени инфлациони приходи во буџетот. Тоа ќе даде шанса за креирање на таргетирани мерки за подршка на најранливите во македонското општество“, објасни Гацов.

Синдикатот во април пресмета дека потрошувачката кошничка за едно просечно македонско семејство чини 38.000 денари, од кои за храна одат 16.000 денари, за сметки 11.000 денари, а останатите пари се трошат за лекови, превоз, облека, културни настани. Од денеска маслото за јадење во маркетите се продава по цена од 165 денари што е зголемување од 30 денари а цените на лебот се за 6 до 9 денари повисоки.

К.В.С.

Слични содржини