„Османи да не ги штипка децата“: Меѓаши бара да се избришат видеата и фотографиите од децата бегалци

од Берта Китинска

Секоја пригода кога политичар ќе се сретне со дете и ќе биде јавно фотографиран може да се смета за кампања! Бараме посочените видеа и фотографии под итно да се повлечат!Крајно време е политичарите кои ги злоупотребуваат децата за политички цели, да сносат одговорност, посочуваат од детска амбасада Меѓаши кои упатија забелешка на министерот за надворешни работи Бујар Османи за штипкањето на децата на Авганистанците, кои допатуваа пред два дена во Скопје на привремен престој по превземањето на власта во таа земја од страна на Талибанците.

-Политичките партии и политичките фигури не успеваат целосно да разберат што е најдобар интерес на детето. Тие и понатаму ги користат децата на најразлични начини за добивање политички поени. Секоја пригода кога политичар ќе се сретне со дете и ќе биде јавно фотографиран може да се смета за кампања и повлекува соодветна одговорност и бара јасен одговор кон што или кому тоа фотографирање придонесува. Дури и во случаи кога се работи за директна заштита или помош на деца, фокусот постојaно треба да биде на она што е потребно да се направи за децата, како и на причините зошто тие деца се наоѓаат во таква тешка ситуација, а не на самите политичари или институции кои помагаат, а тоа впрочем им е и должност. Да не збориме колку е важно да се заштити идентитетот на децата! За жал, најчесто се работи за обиди преку слики со деца да се прави сопствена политичка промоција или промоција на сопствената политичка партија. Затоа, политичарите не треба да ги штипкаат децата, да се сликаат со нив и да им делат подароци пред камерите или да сечат ленти со децата, туку треба сериозно да работат на проблемите кои ги засегаат децата, да го изнесуваат своето мислење и гласно да поставуваат прашања што ја засегаат оваа ранлива група. Да потсетиме дека со години во континуитет повеќе политичари/ки се сликаа со деца или политичките партии подготвуваа видеа во кои децата се главни ликови, а најскорешен настан беше пречекот на децата од Авганистан.

На пр. министерот Бујар Османи наместо да се слика со децата, да ги штипка и да им дели подароци, ќе ценевме доколку и соопштеше на јавноста каква грижа е обезбедена за децата, а не под превезот на солидарност кон децата бегалци од Авганистан да ги инструментализира најмладите за политички маркетинг на чекор пред изборите.

Да разгледаме зошто станува збор за злоупотреба. Семејствата и децата во Авганистан преживуваат криза која според својот интензитет е на врвот, не само што менуваат дом, туку менуваат земја, култура, обичаи, влегуваат во сосема нова средина што бара од нив ново учење и справување и со губитокот и со новата средина. Во таква состојба секое изложување во јавност на овие лица, особено на децата кои немаат изградени механизми на одбрана, во најмала рака е злоупотреба. Уште повеќе, тоа е индиција за немање емпатија кон туѓата болка, несреќа, воопшто кон емотивната состојба. Уште ако на тоа се додаде и дека се добиваат политички поени, актот добива уште попроблематична димензија.

Да потсетиме дека со Законот за заштита на децата член 12 став (4) се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.

Бараме посочените видеа и фотографии под итно да се повлечат. Линк од видеото не споделуваме заради заштита од секундарна виктимизација на децата, стои во соопштението.

Слични содржини