Османи: Историјата ќе биде безмилосна со нас ако не ги продолжиме евроинтеграциите

од Stefanija Kuzmanovska

Повторно повикувам на меѓупартиски консензус за членството во ЕУ. Изгубивме две децении и историјата ќе биде безмилосна кон нас ако не ги продолжиме евроинтеграциите, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи во неговото видео обраќање на годишната конференција „Година на нови можности“.

Тој додаде дека оваа година ќе работи и ќе се залага за формирање на широка расправа со цел да се бориме против пропагандата која не спречува да стигнеме до суштината на евроинтеграциите.

„Врвен приоритет за нас ќе бидат добрососедските односи, за што еклатантен пример се односите со Грција со која имаме јасна и предвидлива соработка. Грција е наш стратешки партнер и цврст поддржувач“, истакна Османи.

Министерот истакна дека имаме Искрени намери за да се врати трендот на соработка и дијалог со Бугарија, иако престојните избори кај нив се отежнувачка околност за прогресот на билатералните односи.

„Остануваме посветени на деескалација на вжештената ситуација која се огледа во непропорционалните реакции за еден изолиран случај за кој државата веднаш презеде мерки за расчистување. Важно е да не дозволиме провокации од двете страни и провокаторите да го киднапираат процесот и одведат во насока која не е од интерес на двете држави, туку на трети актери со кои немаме ништо заедничко“, наведе Османи.

Тој рече дека односите со Албанија се зацврстија додека заедно го чекавме почетокот на преговорите со ЕУ и повика Косово и Србија да го искористат фокусот на меѓународната заедница и да постигнат сеопфатно решение што ќе ја гарантира стабилнсота на регионот и ќе ги забрза европските интеграции.

Слични содржини