Османи загрижен по приведувањето на дипломатот, ќе спроведува најстрог ветинг преку системот на НАТО сертификати

од Vladimir Zorba

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска изрази крајна загриженост и вознемиреност поради последниот случај со приведувањето во друга земја на еден вработен во Министерството за надворешни работи, поради потерница која ја побарала трета земја. Тоа не само што предизвикува непредвидливост во работата на дипломатијата, вели Осамни, туку ја разнишува довербата и авторитетот на куќата.

– Не само како обврска кон нашите државни интереси, туку како земја – членка на НАТО, како идни претседавачи со ОБСЕ во 2023 година, ние имаме обврска да воспоставиме непропустлив систем на сертификација и проверка на дипломатскиот кадар со цел да ја вратиме довербата и во институцијата и во државата, истакна Министерот.

Во оваа насока тој ги објави итните мерки кои досега ги презел.

Прво, согласно законските можности, на приведениот вработен му е ставен работниот однос во мирување, и повлечен е од неговите задолженија во мисијата во ОБСЕ

Второ, пуштена е итна процедура за формирање работна група која треба да изврши првична итна ревизија на состојбите со сертификатите и документацијата со цел да се утврди дали постои одредена иманентна закана за сигурноста и доверливоста, особено закана која е поврзана со предметниот случај.

Трето, работната група ќе добие и задолжение да оствари и меѓуресорска соработка со правосудните служби и службите за безбедност, со цел да се подготви план за вонреден ветинг на дипломатијата; оваа работна група ќе треба да ја оформи и меѓуресорската Комисија која ќе ѝ биде предложена на Владата, која, пак, ќе треба да го спроведе вонредниот ветинг преку процесите на сертификација и дополнителна безбедносна проверка.

Четврто, ќе побара од сите раководни позиции, директори и раководители на сензитивни позиции, задолжително да ја поминат процедурата на најстрог ветинг, преку системот на НАТО сертификати.

„Овој процес планирам да го направам задолжителен и во системот на пополнување амбасадорски места“, истакна тој.

Слични содржини