Ова се најголемите моменти од поп-културата во 2019

од Elena Daskalova

Започна Новата 2020 година, па време е да направиме една кратка ретроспектива на најзначајните моменти на светската поп-култура.

Од најавеното ново продолжение на „Матрикс“, до епската изведба на Бредли Купер и Лејди Гага, ова се најзначајните моменти од поп-културата во 2019:

Јајцето што ја победи Кајли Џенер

2019 на Инстаграм започна со сток-фотографија од најобично јајце, кое со лајкови ја победи и највиралната фотографија на Кајли Џенер.

#10YearsChallenge

На Инстаграм и другите социјални мрежи се објавуваа колажи од компаративни фотографии од луѓето денес и пред 10 години. Многумина ова го поврзаа со крадење на податоци од цртите на лицето, но досега не се покажа дека се случува нешто такво.

Епската изведба на Лејди Гага и Бредли Купер

На доделувањето на Оскарите ја испеаја песната „Shallow“ во живо, а нивната хемија на сцена ги освои сите, што се прашуваа дали и во реалниот живот можеби се во врска.

Скандалот со измами на државните испити во САД

Актерктие Лори Лаулин и Фелисити Хафман, во одделни случаи беа обвинети за потплаќање и стимулирање измама на државните испити за полесно запишување на факултет за нивните деца. Лори беше ослободена од обвинението, а Хафман отслужи 11 дена во федерален затвор.

Заврши „Avengers“

Сагата заврши во април, со емитувањето на „Avengers: Endgame“.

Фотографирана црната дупка

Во април се појави првата досега најјасна фотографија од црната дупка и нормално, истата стана шега на интернет, бидејќи тоа е сосема нормално во денешно време.

Воскреснувањето на Кијану Ривс

Кијану Ривс се врати на сцената, со нова девојка и репризирање на неговите две најголеми улоги, во „Матрикс 4“ и во „Џон Вик 4“, чии премиери ќе се одржат на ист ден во 2020.

Раѓањето на Арчи Харисон Монтбатен-Виндзор

Тој е првото дете на војводата и војвотката од Сасекс, принцот Хари и поранешната актерка Меган Маркл.

Заврши „Игра на тронови“

Во мај оваа година се емитуваше големото финале на една од најпопуларните серии, „Игра на тронови“. Фановите не беа задоволни од крајот и покренаа петиција за одново снимање на последната сезона, која не е снимена според книгите на Џ.Р.Р. Мартин, бидејќи тој уште ја нема завршено приказната.

Заврши и „The Big Bang Theory“

Во 2019 од малите екрани замина и нашата омилена екипа бубалици, Ленард, Шелдон, Раџ и Хауард.

Излезе мјузиклот „Cats“

Во јули беше објавен првиот трејлер, а речиси целата публика се вознемири од концептот. Нема потреба од зборови, погледнете го видеото:

Нова сезона од „Беверли хилс“

20 години подоцна, на ТВ-екраните се вратија Бренда, Брендон, Дејвид, Дона, Стив, Андреа и Кели. За жал, тоа не се случи со Дилан, поради смртта на Лук Пери. Серијата е откажана по само една сезона.

Активизмот на Грета Тунберг

Девојчето од Шведска успеа да го крене на нозе светот со нејзиниот говор пред Обединетите нации. Таа стана и личност на годината според магазинот Тајм.

Џенифер Лопез повторно го облече фустанот на Версаче

Модната куќа Версаче изработи нова верзија на култниот фустан кој Џеј Ло го носеше на Греми наградите во 2000 година и секако, ја одбраа токму неа за да го промовира новиот модел.

Се венчаа Џастин Бибер и Хејли Болдвин

Иако тие се во брак од 2018, кога на социјалните мрежи објавија дека си кажаа „да“, во септември оваа година имаа и официјална венчална церемонија.

Џенифер Анистон се придружи на Инстаграм

Месецот октомври беше одбележан од новиот профил на Инстаграм на Џенифер Анистон, која веднаш објави фотка со колегите од „Пријатели“. Со тоа постави нов Гинисов рекорд во најбрзо собрани милион лајкови на Инстаграм, за 5 часа и 16 минути.

Реализиран „Џокер“

Ова е дефинитивно најуспешниот филм за негативец од стрипови. Во главната улога се појави Жоакин Феникс.

Нови „Чарлиеви ангели“

Камерон Дијаз, Дру Баримур и Луси Лу одат во „пензија“. Во новиот филм доаѓаат Кристен Стјуарт, Наоми Скот, Ела Балинска и Елизабет Бенкс. Насловната нумера „Don’t Call Me Angel“ ја испеаја Аријана Гранде, Мајли Сајрус и Лана дел Реј.

Се случи „Frozen 2“

Долгоочекуваното продолжение на омилениот хит на Дизни постигна идентичен, па може и подобар успех од својот преходник.

Заврши сагата „Star Wars“

Во декември излезе 9-от филм од сагата, „Star Wars: The Rise of Skywalker“ (Војна на ѕвездите: Подемот на Скајвокер), со кој се завршува приказната за Скајвокер. Но, во меѓувреме, Лукасфилм и Дизни ја реализираа популарната серија „The Mandalorian“, a ликот кој стана познат како бебето Јода за кратко време го освои светот.

Слични содржини