Пахор: Не знаев ништо за нон-пејперот, ги отфрлам опасните игри за промена на границите

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателот на Словенија, Борут Пахор, денес изјави дека за време на неговата последна посета на Сараево, тој не знаел ништо за „нон-пејперот“ во кој се заговара за распаѓање на Босна и Херцеговина, наведувајќи дека Словенија е докажан пријател на БиХ .

Обраќајќи им се на медиумите во Љубjана, Пахор рече дека тој решително го поддржува проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан и дека проширувањето на ЕУ кон земјите од Западен Балкан е геополитички приоритет од прва категорија, објавија сараевските медиуми.

„Јас се залагам дека ќе биде најдобро ако ЕУ одлучи да ги вклучи сите земји од Западен Балкан за разумно кратко време и соодветно да ја прилагоди својата стратегија за проширување. Ги повикувам сите лидери на Западен Балкан побрзо да ги спроведуваат реформите и да направат чекор кон ЕУ“, рече словенечкиот претседател.

Според него, проширувањето на ЕУ на Балканот не е само прашање на политичка волја, туку и прашање на време.

„Ако тоа не се случи, последицата може да биде растот на национализмот во тие земји и ангажираното влијание на трети земји“, оцени Пахор.

Вклучувањето на Западен Балкан во ЕУ, додаде тој, ќе значи зачувување на интегритетот на државите, решавање на нивните проблеми и придонес кон стабилноста на целиот регион и цела Европа.

Пахор додаде дека членството во ЕУ ќе ги намали „наивните идеи за промена на границите“, што, како што нагласи, не може да се случи мирно.

„Ги отфрлам сите опасни идеи за промена на границите“, истакна претседателот на Словенија.

Говорејќи за последната официјална посета на Сараево, Пахор рече дека тој е „искрен и докажан пријател на БиХ“ и дека бил седум пати во БиХ како претседател на Словенија.

Тој изјави дека ја посетил и Сребреница и им оддал почит на жртвите на геноцидот и испратил силни пораки.

„На последната средба со членовите на Претседателството на БиХ, не знаев ништо за нон-пејперот, ниту пред ниту подоцна. Јас силно се спротивставувам на идејата за конечно распаѓање на Југославија, бидејќи верувам дека не е можно да се постигне тоа мирно“, потенцира Пахор.

Тој додаде дека зборувал за тоа јавно, а најголем одек имало во Собранието, во Северна Македонија.

„Јас сум еден од ретките лидери кои толку јасно ја потенцираат важноста на помирувањето за иднината. Јас сум поборник на цела БиХ и нејзината евроатлантска иднина“, истакна словенечкиот претседател.

Тој исто така рече дека не сака да ги коментира изјавите на лидерите во БиХ, додавајќи дека не зборувал за „нон-пејперот“ со словенечкиот премиер Јанез Јанша.

Слични содржини