Пазарниот инспекторат на терен, се врши контрола на увозниците на зеленчук и овошје

од Vladimir Zorba

Од утринава Државниот пазарен инспекторат, заедно со финансова полиција и Управата за јавни приходи (УЈП) се на терен на територијата на цела држава и вршат контрола на увозниците на зеленчук и овошје.

Извори за „Локално“ велат дека претставници на овие институции го „окупирале“ и кванташки пазар, каде се вршат детални контроли.

Во првите четири месеци од годината кај нас генерално се увезува зеленчук и овошје од Турција, Грција, Албанија и од Србија. Со Србија и Албанија кои се во ЦЕФТА немаме царини, а со Грција и Турција има, а се плаќа и 5 отсто ДДВ за увезеното овошје или зеленчук.

Со одлука на Владата од 5 април се определени највисоките цени во трговијата на мало за свежи домати, свежи краставици, кромид, карфиол, свежи зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони. Килограм свежи домати може да се продава најмногу за 70 денари за килограм, свежите краставици до 75 денари за килограм, килограм кромид до 60 денари, килограм карфиол до 70 денари, килограм свежи зелени пиперки до 90 денари, килограм грав до 75 денари, килограм леќа до 110 денари, килограм банани до 70 денари, килограм портокали до 55 денари, килограм мандарини до 60 денари и килограм лимони до 55 денари.

Слични содржини