Пендаровски за пет часа ги собра потребните 10 илјади потписи

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски веќе ги собрал потребните 10 илјади потписи за трката за шеф на државата. Како што информираат од Кабинетот на Пендаровски, граѓанските потписи биле собрани за неполни пет часа.

-Собирањето на потписите започна денеска, 3 март во 08.00 часот на територијата на целата држава и за неполни пет часа се собрани 10 000 потписи од граѓаните кои се потребни за поддршка на кандидатурата за претседател. Им благодариме на сите граѓани кои ја дадоа својата поддршка. Продолжуваме со собирањето на потписи и во наредните часови и денови, порачаа од Кабинетот на претседателот.

СДСМ денеска ќе одржи конвенција за избор на кандидат за претседател на државата на кој треба да се официјализира поддршката за Пендаровски. Претседателот во петокот на прес-конференција најави дека ќе трча по втор мандат.

Кандидатурата на професорката Гордана Силјановска-Давкова покрај со потписите и поддршката од 30 пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе биде поткрепена и со над 10.000 граѓански потписи, информираат од најголемата опозициска партија.

-Очекувањата се дека потписите од граѓаните ќе бидат собрани за еден ден, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Подрачните одделенија на ДИК за потписи ќе работат во две смени. Наутро од 8 часот до навечер до 20 часот, додека последниот ден на 8-ми март ќе работат до 24 часот.

Слични содржини