Пицула: Путин мора да одговара пред судот во Хаг како Милошевиќ

од Nikola Popovski

Рускиот претседател Владимир Путин, како и Слободан Милошевиќ, мора да одговара за своите постапки пред Трибуналот за воени злосторства во Хаг, рече во вторникот хрватскиот европратеник Тонино Пицула.

Пицула ова го изјави во дебатата за резолуцијата на Европскиот парламент (ЕП) за руската инвазија на Украина.

„Оваа војна буди и сеќавања за воената агресија врз мојата земја, Хрватска, пред триесет години. Напади врз детски болници, цивилни објекти, уништени места и бегалци. Путин, како и Милошевиќ, мора да одговара за своите постапки пред Трибуналот за воени злосторства “, рече тој.

„На Путин ќе му биде многу тешко да излезе од оваа војна. На Кремљ може да му се случи руската верзија на Мајдан. Историјата покажа дека диктаторите можат да бидат поразени, но подеднакво е важно да се отстранат околностите што доведоа до диктатурата. Украина крвари, но режимот на Путин ќе крвари. Да живее европска Украина, слава на Украина!“, изјави Пицула, кој учествуваше во преговорите меѓу парламентарните групи за текстот на резолуцијата на ЕП.

„Причината за војната во Украина е авторитарната природа на рускиот режим под апсолутизмот на рускиот претседател“, рече хрватскиот европратеник, додавајќи дека „не се знае што е полошо, воената агресија на Путин или неговиот наратив што го оправдува насилството“.

Пицула оцени дека Путин смета на пасивноста на Украинците и на поделбата на Западот, но дека „ја прецени својата сила, ја потцени силата на отпорот на Украинците и способноста на Западот да се обедини“.

Слични содржини