Платата на еден пратеник ќе биде 5-6 пати повисока од платата на текстилниот работник и продавачите

од Vladimir Zorba

Економистите предупредуваат дека имајќи ја предвид незавидната ситуација во македонското стопанство и економијата воопшто, парите од задолжувањата на домашниот пазар, ќе се наменат за повисоките плати на функционерите.

Според поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини задолжувањето со државни обврзници за близу 35 милиони евра е јасен показател за состојбата во буџетот а крајниот исход вели тој ќе биде ребаланс на буџетот.

Џевдет Хајредини

Џевдет Хајредини

„Ваквата потреба и понатаму тековно да се задолжуваме на домашен пазар, зборува дека сепак има проблеми со ликвидноста во буџетот. Но владата од една страна вели дека ги намирува сите обврски, зголемува плати, а не кажува дали расте општествената продуктивност на трудот и тоа во јавната администрација. Од друга страна се задолжува, што не е во согласност со здравата економска логика и политика. Сигурно, без никаков сомнеж дел од парите ќе завршат за исплата на зголемените плати. По овој најнов скандал со одлуката на Уставен суд не ми е јасно, зошто досега не се коригирале коефициентите и методологијата која овозможува толкав раст на платите? Тие работи можеле на време да се избегнат. Пари ќе се најдат од задолжувањето кај комерцијалните банки кои имаат интерес да откупуваат обврзници по поволна камата бидејќи не ни чини стопанството“, вели Хајредини за „Локално“, посочувајќи дека на ваков начин стопанството останува во „пат позиција“, соочено од една страна со недоволна подршка од банките, а од друга со недостиг на работна сила која заминува поради ниските плати.

И економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ предупредува дека на оваа крајно незавидна ситуација дополнително долевање „масло на огнот“ ќе биде зголемувањето на платите на функционерите.

Како пример тој ги посочува примањата кои ќе се слеваат на сметката на еден пратеник заедно со патните трошоци.

Бранимир Јовановиќ

Бранимир Јовановиќ

„Ќе биде околу 2.000 евра месечно во просек, односно 5-6 пати повеќе од платата на текстилните работнички и продавачките, четири пати повеќе од просечната плата во образованието, три пати повеќе од просечната плата во здравството, па дури повеќе и од просечната плата на програмерите, која е 1500 евра“, вели Јовановиќ за „Локално“. За споредба ги наведува примањата во европските земји односно разликите меѓу политичарите и останатите струки.

„Во Австрија на пример, платата на пратениците е околу три пати повисока од просечната плата во државата, што е отприлика како што беше во Македонија пред ова покачување. Она што е интересно во Австрија кога се платите во прашање, е што функционерите се третирани како и сите други работници. Нивната плата во 2023 година се покачи исто онолку колку што се покачи на сите вработени во јавниот сектор, за околу 5%“, вели Јовановиќ.

Во меѓувреме, функционерите веќе ги трошат зголемените плати. Власта и опозицијата не одговорија на ниту една од иницијативите за враќање на платите во нормала, со став дека се чека на Законот за плати. Кога и дали воопшто тој ќе биде донесен, никој не знае.

К.В.С.

Слични содржини