По изборите во Бугарија: Техничка влада е шанса за смирување на тензиите со Македонија

Во рамки на пост изборниот ден во Софија и резултатите од парламентарните избори кои се оддржаа вчера, „Локално“ разговараше со лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески, како и поранешниот македонски амбасадор во Софија и актуелен универзитетски професор, Ѓорѓи Спасов.

Имено, двајцата соговорници, го прокоментираа изборниот резултат во Бугарија и делумно ги споделија очекувањата за коалицирање и политики, како и како тоа ќе се одрази на преговорите со С.Македонија кои чекаат своја разврска за евентуално оддржување на првата Меѓувладина конференција.

„Се поизвесната техничка Влада на Бугарија е шанса за смирување на тензиите со Македонија! Бугарските граѓани покажаа дека не поддржуваат насилство врз Македонија, наспроти тврдењата на Захариева и Каракачанов дека повеќе од 84% тоа го поддржуваат! Младите протесно гласаа за шоуменот Слави Трифунов, со цел да им стават на знаење на бугарските политичари дека не им се важни во животот, во услови кога си член на ЕУ.

Политичката криза која доаѓа кај нашиот сосед, ќе има подолгорочни реперкусии врз самите нив, особено кај нивните претставници во Европскиот Парламент! Очекувам потег на СДС и напуштање на коалицијата со ГЕРБ, а создавање на цврста проевропска модерна политичка групација предводена од Демократска Бугарија“, истакна Богојески и додаде:

„Се на се, македонското прашање ќе изгуби во важност во Бугарија, никој веќе нема со тоа да се занимава, со што ќе можеме спокојно да го затвориме на база на аргументирани разговори.“

Поранешниот македонски амбасадор во Софија, Ѓорѓи Спасов, пак исто така го оквалификува изборниот резултат во Бугарија, како добра информација.

„Сите крајно десничарски партии па и ВМРО на Каракачанов кој отиде на избори со слоганот “Бугарија над се” се поразени. Ќе биде тешко да се состави влада. Герб на Борисов од сегашните 95 спадна на 70 пратеници а БСП веќе не е ниту втора партија по број на пратеници. Ова се уште ништо не значи во однос на спорот со Македонија. Но има надеж. Од сите бугарски граѓани што гласале надвор од Бугарија ВМРО на Каракачанов добил едвам 1%“, истакна Спасов.

Ангела Веселиновска

Слични содржини