Помпео денес потпишува изјава за 5G мрежата во Словенија

од Vladimir Zorba

Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска ќе престојува во кратка посета на Словенија, за време на која ќе биде потпишана заедничка изјава за безбедносните прашања поврзани со 5G мрежата.

Помпео вчера беше во Чешка, прва станица на европска турнеја која има голема агенда, вклучително и улогата на Кина во градењето на 5G мрежа, а по Словенија ќе ги посети Австрија и Полска.

Помпео пристигна во Европа откако американскиот претседател Доналд Трамп најави намалување на военото присуство на САД во Германија на крајот на минатиот месец. Според претходните изјави на словенечката агенција СТА, текстот на нацрт-декларацијата предвидува безбедносна проверка на корпорациите кои нудат 5G технологија, транспарентност на нивната сопственичка структура, без оглед дали тие ги почитуваат правата на интелектуална сопственост и законите поврзани со транспарентноста на корпоративното управување.

САД веќе потпишаа слични заеднички изјави со Полска, Романија, Естонија и Летонија, а нивната цел е, меѓу другото, да ја потенцираат важноста на безбедни дигитални мрежи на ниво на Европската унија и НАТО.

Иако неговото име не е директно наведено во нацрт-документот, според СТА, целта на изјавата е веројатно намерата да се наметнат ограничувања на кинескиот технолошки гигант „Хуавеи“, со оглед дека Трамп веќе подолго време се обидува да ги одврати сојузниците од правење бизнис со Кина и Хуавеи поради наводниот безбедносен ризик и потенцијалот за шпионажа на сметка на кинеските власти.

Според најавите од словенечката влада, разговорите ќе бидат посветени на зајакнување на билатералниот дијалог на политичко и економско поле, а Соединетите држави се заинтересирани и за зајакнување на соработката во областа на енергетиката, особено кога станува збор за изградба на втор блок на нуклеарната централа Крчко.

Пристигнувањето на Помпео во Словенија е прва посета на еден американски службеник со толку висок ранг по многу години.

Актуелниот словенечки премиер Јанез Јанша, додека беше во опозиција, често ги обвинуваше своите претходници за занемарување на односите со САД и обврските на НАТО, бидејќи тие не инвестираа во армијата и во оружјето.

Слични содржини