Поради ширењето на вирусот, заострување на мерките во голем број европски земји

од Stefanija Kuzmanovska

Белгија и Холандија, земји познати по „полесниот однос“ кон пандемијата, ја сменија тактиката и одлучија да ги засилат заштитните мерки, поради брзото ширење на коронавирусот низ Западна Европа во последните неколку недели.

Според Светската здравствена организација, минатата недела бројот на новозаболени лица се зголемил за 34 проценти, бидејќи повеќе од 700.000 луѓе се заразиле со коронавирусот.

Белгискиот министер за здравство, Франк Ванденбруке, најави дека владата на таа земја ќе разгледа во петок сет на нови мерки за сузбивање на ширењето на вирусот.

Поради зголемувањето на бројот на заразени, Белгија најпрво воведе обврска да носат маски на јавни места, вклучително во отворени и затворени простори, како и улици, а потоа затворени кафулиња и барови, додека од петок се очекува истата мерка и за рестораните и другите места за собирање.

Исто така, најавена е можност за ограничување на бројот на присутни на јавни и приватни простори, додека веќе е воведена забрана за спортски настани во сали, во Фландрија за сите оние каде што не е можно да се постигне физичко растојание од 1,5 метар, а во Валонија за сите, освен деца на возраст под 12 години.

Минатата недела се регистрирани 43.903 нови случаи, што е зголемување за скоро 60 проценти во однос на претходната недела.

Податоците од почетокот на оваа недела не се пооптимистички.

Денес се регистрирани 7.305 нови случаи на заразени со коронавирус, што е за 46 проценти повеќе од минатата среда.

Оваа недела, бројот на новозаразени достигна 21.552, што е за 53 проценти повеќе отколку во истиот период минатата недела.

Како резултат, мерките во Холандија вечерва од 22 часот се заоструваат и се воведува делумен карантин. Маските во таа држава стануваат задолжителни за сите, на отворено и на затворено, кафулињата и баровите се затворени еден месец, откажани се настани за тимски спортови, освен оние во највисоките лиги, а властите ги советуваат граѓаните да излегуваат од домовите што е можно помалку. и да работат од далечина ако се во можност.

Дозволени се собири на најмногу 30 лица на отворен простор, а има и максимален број на гости што може да ги примите дома – најмногу тројца.

Премиерот на Холандија, Марк Руте, рече дека новите мерки „ќе наштетат“, но исто така предупреди дека „може да има тотален карантин, доколку состојбата не се подобри во следните недели“.

Во Европа, сепак, во моментов е најпогодена Чешка, каде дневниот број на новозаболени надмина 8.300, поради што се воведе делумен карантин.

Факултетите се затворени, а часовите се одвиваат од далечина, дозволени се собири за најмногу шест лица, освен во продавници каде што може да има најмногу двајца клиенти. Покрај тоа, сите кафулиња, барови, клубови и ресторани се затворени три недели.

Чешкиот вицепремиер Јан Хамажек им даде едноставен совет на граѓаните: „одете на работа ако треба, одете во продавницата ако треба и во меѓувреме останете дома“.

Голем број на новоинфицирани лица се забележани и во Шпанија, Италија и Франција, кои воведоа нови мерки и делумен карантин во одредени области и градови.

Каталонија размислува да затвори кафулиња и ресторани две недели, во регионот на Барселона е зголемена претпазливост, додека Мадрид веќе воведе делумен карантин за своите жители.

Италија забрани собирање во затворени простории, ја ограничи работата на угостителските објекти до полноќ, а бројот на луѓе во нив на најмногу 30, и воведе забрана за консумирање алкохол на улица по 21 часот.

Во најзагрозените француски градови, вклучително и Париз, затворени се и угостителските објекти. Најавени се нови, уште порестриктивни мерки, вклучително и воведување карантин, како резултат на зголемувањето на бројот на новозаболени, а се проценува дека 90 проценти од болничките капацитети во таа земја ќе бидат пополнети веќе следната недела.

Слични содржини