Поранешен советник на папата Франциск осуден на 5,5 години затвор

од Vladimir Zorba

Судот во Ватикан го осуди поранешниот советник на папата Франциск, италијанскиот кардинал Анџело Бечиа, на пет и пол години затвор за повеќе точки од обвинението за проневера, со што тој стана највисокиот црковен функционер досега суден во кривичниот суд во Ватикан.

Судењето беше фокусирано на таканаречениот договор за имот во Лондон, кој заврши со огромни загуби за Католичката црква, а беа обвинети вкупно десет лица и сите беа осудени по некои точки од обвинението.

Бечиа на судењето ги отфрли сите обвинувања, а неговиот адвокат најави дека ќе поднесе жалба, јавува Би-Би-Си.

„Тврдиме дека кардиналот е невин. Го почитуваме судот и пресудата, но ќе се жалиме“, изјави адвокатот Фабио Вилоне.

Судењето, кое разоткри конфликти и интриги во највисоките ватикански кругови, траеше две и пол години.

Пред девет години Ватикан потроши повеќе од 200 милиони евра за купување на 45 отсто од зградата во лондонски Челси, која и припаѓаше на стоковната куќа „Херод“, а планот беше да се претвори во луксузни апартмани. Подоцна во тој бизнис се вложени уште 150 милиони евра.

Парите, од кои дел беа наменети за добротворни цели, беа уплатени во фонд управуван од италијанскиот финансиер Рафаеле Минционе од Лондон, кој го организираше купувањето. После тоа, Ватиканската банка забележала бројни неправилности и следела рација на ватиканската полиција, што доведе до обвиненија против Бечиа, Минкионе и уште осум други лица.

Слични содржини