Претресени домови на антиваксери во Италија: Планирале вооружен напад за време на антивладините демонстрации?

од Vladimir Zorba

Италијанската полиција денеска предупреди дека некои од противниците на вакцини повикаа на вооружени напади за време на планираните антивладини протести викендов, и објави дека осум лица се под истрага за поттикнување на кривично дело.

Во полициското соопштение се наведува дека биле извршени претреси во шест италијански провинции, вклучително и Милано, Рим и Венеција и дека осум лица се под истрага како дел од групата која себеси се нарекува „Воини“ на апликацијата „Телеграм“, пренесе Ројтерс.

Се сомневаат дека тие се подготвувале да извршат напади за време на демонстрациите закажани за сабота и недела во Рим против владините здравствени пропусници, кои овозможуваат влез на многу јавни места во околности на пандемија „Ковид-19“.

Полицијата се сомнева дека групата го користела „Телеграм“ за да ги организира своите активности и да ги охрабри другите да извршуваат напади во други градови, се вели во соопштението.

Зелената пропусница е дигитален или хартиен сертификат што покажува дали некој примил барем една доза од вакцината „Ковид-19“, дали е негативно тестиран за вирусот, или неодамна се опоравил од болеста и е воведена во текот на летото за да спречи ширење на инфекција и да ги охрабри луѓето да се вакцинираат.

Системот предизвика протести кај некои Италијанци кои велат дека ги крши правата и слободите, но само мал број се појавија на демонстрациите организирани минатата недела за блокирање на железничкиот сообраќај низ целата земја.

Слични содржини