Придобивки од дигитализацијата на Македонија – поголемо економско поврзување со ЕУ, сајбер безбедност и подобри услуги за граѓаните

од Vladimir Zorba

Во ера на брз технолошки напредок, дигитализацијата на државите и економиите е од суштинско значење за дополнителниот раст и развој. Членството во ЕУ за Македонија ќе значи и усогласување со дигиталните правила меѓу земјите-членки. Оваа координација воспоставува јасен и конзистентен сет на закони за онлајн активности, отстранувајќи ги пречките за прекуграничната трговија и промовирајќи кохезивна дигитална средина преку која земјите соработуваат. Овие регулативи низ годините ги поедноставија деловните операции во земјите-членки, зголемувајќи ја довербата меѓу нив.

Македонија и во текот на пристапувањето со ЕУ спроведе голем број на проекти поддржани од европските фондови за усогласување на законодавството, но и спроведување на дигитализацијата на терен од што главни придобивки покрај бизнисите имаат и граѓаните.

Дигитализација во сите сфери и за сите општествени групи е ефективен механизам за подобрување на добросостојбата на граѓаните. Тоа подразбира унапредување на електронското работење и поголема ефикасност на институциите, организациите и на другите општествени субјекти.

Почетокот на преговорите со ЕУ за Македонија ќе значат трансформација на општеството и прифаќање на европските правила, принципи и вредности. Во таа насока се и заложбите на Владата за развивање на проекти што ги опфаќаат и дигиталните промени кои во комбинација со останатите приоритети би довеле до успешна ЕУ-интеграција.

Членството во ЕУ значи развој на дигитализацијата

За Македонија, влезот во ЕУ воведува и промени кои ќе го редефинираат, пред сè, економскиот изглед на земјава. Влезот во ЕУ ќе ги отвори и вратите на земјава за соработка со технолошки понапредните земји-членки. Оваа соработка би го олеснила преносот на знаење, начинот на работа и воведувањето на иновативни решенија. Македонските компании можат да ја искористат експертизата од ЕУ, на тој начин развивајќи ја дигитализацијата во земјава.

ЕУ значи сајбер безбедност

Членство ги поттикнува и колективните напори за зајакнување на мерките за сајбер-безбедност. Македонија, како членка, ќе има пристап и ќе може да ги користи разузнавачките информации, ресурси и иницијативи за соработка насочени кон заштита на дигиталната инфраструктура. Ова не само што ги штити бизнисите од сајбер закани, туку и влева доверба кај инвеститорите и засегнатите страни, поттикнувајќи безбедна дигитална средина.

Влезот во дигиталната средина на ЕУ ќе им овозможи на македонските бизниси неспоредлив пристап до огромна база на потрошувач, а малите и средни претпријатија, стартапите и претприемачите ќе ја искористат можноста за да ги промовираат своите дигитални производи и услуги.

Како членството во ЕУ ги промени земјите-членки

Естонија која речиси две децении е дел од ЕУ, е во првите редови на дигиталната трансформација. Со европска поддршка, земјата стана пионер во дигитализацијата, нудејќи им на граѓаните безбедни и ефикасни онлајн услуги. Воведувањето на дигитални лични карти и програми за електронско државјанство, ги олесни административните процеси, овозможувајќи им на граѓаните и бизнисите пристап до услугите како што се електронско поднесување на даночни пријави и онлајн регистрација на компании.

Германија, која е земја основач на Унијата, ги поедностави меѓуграничните трансакции и го подобри пристапот до дигиталните услуги. Германските бизниси можат без проблем да работат во дигиталното опкружување без никакви ограничувања. Холандија пак, е предводник во иницијативите за сајбер безбедност. Благодарение на ЕУ, земјата ја зајакна својата сајбер безбедност, а заедничките разузнавачки информации за потенцијални закани ја подобрија севкупната отпорност на таков вид на напади.

Со користење на европски фондови, Данска успеа целосно да го дигитализира своето здравство. Овие конкретни примери илустрираат како членството во ЕУ одигра клучна улога во унапредувањето на дигитализацијата низ земјите-членки, поттикнувајќи ги иновациите, поврзувањето и безбедноста во различни сектори на нивните општества.

Членството во ЕУ беше клучно во поттикнувањето на дигитализацијата на земјите-членки, поттикнувајќи го трансформативното патување обележано со иновации, соработка и економски просперитет. Колективната сила на Унијата, заедно со нејзината посветеност на дигитален развој ги позиционира земјите-членки како лидери на глобалната дигитална сцена, подготвени да ги прифатат сите предизвици кои со себе ги носи дигиталната ера.

Слични содржини