Приватните матични лекари в понеделник нема да работат од 12 до 16 часот во знак на револт

Тие бараат да се донесе закон за лекарска дејност со кој точно ќе се дефинираат условите, правата и должностите на лекарите.

од Бети Божиноска

Откако вчеравечер нивен колега беше пронајден мртов со убодни рани на паркингот пред поликлиниката „Железара“, матичните лекари од приватното здравство преку претседателката на Здружението на приватни матични доктори, Лилија Чолакова-Дервишова, најавија двочасовен протест в понеделник од 12 до 16 часот во знак на револт.

„Згрозени сме од ваквиот грозоморен чин. Се работи за наш колега и професионалец кој целиот живот го има посветено на работата. Што треба да значи ова, дека треба да се плашиме дали некој кој не е задоволен од некоја причина од нашата работа и после работно време може да посегне по нашиот живот. Ние ќе го изразиме нашиот револт и во понеделник од 12 до 16 часот нема да работиме“, вели Чолакова – Дервишова.

Таа истакна дека неопходно е да се донесе закон за лекарска дејност со кој точно ќе се дефинираат условите, правата и должностите на лекарите.

„Го повикувам Министерството за здравство што поскоро да се донесе Законот за докторска дејност со кој ќе се заштити работата на лекарите. Ние сме навистина револтирани и згрозени од ваквиот чин,“ рече Чолакова-Дервишова.

Матичните лекари се разочарани зашто здравствените власти ги изоставиле од финансиската поддршка.

Од Министерството за здравство истакнаа дека убиениот лекар не бил вработен во поликлиниката „Железара“, туку во приватна ординација издадена под концесија.

Слични содржини