Протест на приватниците на „Илинденска“ со 200 автобуси, од понеделник ЦЕЛОСНА БЛОКАДА на Скопје?

од Nikola Popovski

Рано утрово започнаа блокадите на дел од булеварот „Илинденска“, поточно од зградата на Владата до крстосницата кај МИ-ДА. Ова следува откако приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ си го бараат неисплатениот долг од ЈСП Скопје.

Целиот булевар не е закочен, бидејќи автобусите се паркирани на крајот на двете ленти од булеварот, со што делумно сообраќајот се одвива. Најголем дел од нив се пред објектите на Градското собрание.

Доколку викендов нема преговори и наоѓање решение, тие најавија целосна блокада на сообраќајот во Скопје, поточно протести на крстосниците кај ТЦ „Мавровка“, крстосницата кај зградата на Црвениот крст и целосна блокада на булеварот „Илинденска“.

Како што информира вчера директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски околу 200 автобуси во сопствениот на превозниците ќе бидат паркирани пред објектите на Град Скопје.

Јовановски на прес-конференција информира дека се уште нема заеднички јазик со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и директорот на ЈСП, Александар Стојковски околу исплатата на долгот што им го должи ЈСП Скопје.

-Утрешниот ден ќе покаже дали ќе има некаков исод или блокадата ќе продолжи и во текот на викендот и почетокот на следната недела, рече Јовановски.

Во врска со информацијата за раскинување на договорот помеѓу Град Скопје и „Слобода Превоз“, од здружението на приватни автобуски превозници информираат дека ќе ја оспорат таквата одлука и ќе поведат спор пред надлежниот суд.

Возачите бараат ЈСП да им го исплати долгот кој според нив е над 2 милиони евра.

Сличен протест превозниците организираа и во понеделникот кога на крстосницата пред ТЦ „Мавровка“ паркираа 30 автобуси кои беа повлечени истиот ден поради посетата на висока германска делегација.

Слични содржини