Протест против поскапувањето на струјата во Скопје, се бара итно укинување на одлуката на РКЕ

од Vladimir Zorba

Во Скопје вечерва се одржа протест против поскапувањето на струјата. Учесниците на протестот се собраа во Паркот на жената борец и во паркот во Чаир, од каде потоа се упатија пред зградата на Владата.

– Во услови на пандемија, кога многу граѓани губат работа и кога им ги намалуваат платите, многу влади во Европа ја намалија цената на струјата додека трае кризата. Но кај нас не беше така. Кај нас ја поскапија струјата. ЕВН, МЕПСО, ЕСМ трпеле поради кризата. А граѓаните не трпат? Што е поважно? Профитите на капиталистите и вдомувањето на партиските војници или животниот стандард на обичните граѓани? Не смееме да го дозволиме овој удар на нашиот грб! Да го кренеме нашиот глас! Од нас зависи! Да се обединиме, Македонци, Албанци, Роми, Турци и останати, да се обединиме и да се спротивставиме! Да не им дозволиме да им помине поскапувањето на струјата, истакнаа организаторите.

Тие бараат итно поништување на последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика за зголемување на цената на електричната енергија, владата да ја распушти Регулаторната комисија за енергетика, тело што им служи на интересите на деловните групи и корпорации на грбот на граѓаните, формирање независно арбитрарно тело во служба на граѓаните за да се провери квалитетот на енергетските услуги, владата да ги врати приватните компании за дистрибуција на електрична енергија под државна администрација и намалување на цената на електричната енергија за 46 проценти (отстранување на 33 отсто од цената за ангажираната моќност која до пред неколку години во сметката за електрична енергија беше посебна компонента и потоа вклучена во општата цена, а попустот ДДВ од 18 отсто на 5 отсто).

– Владата итно да го раскине неславниот договор со ЕВН, приватниот дистрибутер на електрична енергија во РСМ, кој со години го злоупотребуваше монополот даден од Владата, простување на сите камати од сметките на ЕВН што граѓаните до сега не ги платиле бидејќи сметаме дека високите сметки генерирани од ЕВН се главната причина за нивно неплаќање на време. Со оглед на високата цена на електричната енергија со порастот на цената за повеќе од 230 отсто во последните 14 години, сметаме дека граѓаните плаќале и камата и камата над камата со плаќање на тие сметки. Затоа камата за тие астрономски сметки ја сметаме за незаконска и законски грабеж, потенцираа организаторите.

Протeстот го поддржат Сакаме чист Чаир, Социјалистичка зора, Конфeдeрацијата на синдикални организации (КСОМ), Fridays for Futurе и МО Црвeни.

Денеска, исто така, протести против поскапувањето на струјата се одржаа и во Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево и Струга.

Слични содржини