ПСЖ веќе има план за иднина без Мбапе

од Vladimir Zorba

Пари Сен Жермен очигледно се откажа од задржувањето на својата најголема ѕвезда Килијан Мбапе ова лето. Според сите информации, големиот талент на францускиот фудбал по 30 јуни ќе го напушти клубот како слободен играч, а неговата одлука е цврста и нема враќање назад.

ПСЖ очигледно е подготвен за оваа опција и веќе ја планира својата иднина без Мбапе. Парите заштедени од платата и бонусите на својата ѕвезда во заминување парижаните ќе ги искористат за сериозно да се засилат на лето.

Тогаш се очекува да бидат привлечени најмалку три познати имиња, а идејата ќе биде да се бараат млади, талентирани и воедно веќе докажани фудбалери. Секако, приоритет ќе биде да се најде замена за Мбапе напред, како и силен играч за врска и добар нов централен бек.

Веќе се зборуваше дека приоритетна цел на парижаните е напаѓачот на Наполи, Виктор Осимен. Нигериецот има ослободителна клаузула од околу 130 милиони евра и речиси сигурно на лето ќе ги напушти „небесносините“. Фудбалерот на Милан, Рафаел Леао е исто така опција за ПСЖ, но ќе биде потешко да го привлече бидејќи има договор до 2028 година и неговата ослободителна клаузула е повисока од 175 милиони евра.

Раководството на францускиот шампион ќе сака да им понуди нови договори и на двајца од своите најталентирани играчи – Ворен Заир-Емери и Чави Симонс, кој моментално е на позајмица во РБ Лајпциг. 17-годишниот Французин има договор до 2025 година и сигурно парижаните ќе сакаат да го обврзат на подолг договор, а според информациите, се е веќе договорено. Холанѓанецот Симонс е еден од најдобрите играчи на РБ Лајпциг и најверојатно парижаните ќе сакаат да го вратат на лето. Неговиот договор е до летото 2027 година.

За позицијата централен дефанзивец, погледите на ПСЖ се свртени кон 18-годишниот дефанзивец на Лил, Лени Јоро, кој моментално е проценет на 25 милиони евра, но по секоја веројатност ќе чини поскапо. Парижаните во зима го посакуваа и централниот дефанзивец на Баерн, Матијас де Лихт, кој не се разбира со Томас Тухел, а можно е и Холанѓанецот да биде опција за нов дефанзивец.

ПСЖ будно ќе ја следи и ситуацијата со Џошуа Кимих од баварскиот гигант, како и со Бруно Гимараеш од Њукасл, бидејќи и двајцата играчи сериозно би го засилиле средниот ред на француските гиганти. Можно е да се направи и нов обид за привлекување на Бернардо Силва од Манчестер Сити.

Слични содржини