Путин: Економските проблеми ќе станат хронични, виновни за тоа ќе бидат потезите на Западот

од Stefanija Kuzmanovska

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека поради потезите на Западот, глобалните економски проблеми ќе станат хронични.

Во својот поздравен говор на деловната конференција на земјите од БРИКС, тој рече дека „механизмите за вршење притисок врз конкуренцијата се зајакнуваат со воведување нови политички мотивирани санкции одново и одново“, пренесува агенцијата ТАСС.

„Во тек е намерно раскинување на соработката, се прекинуваат транспортните и логистичките синџири. Сето ова е спротивно на здравиот разум и елементарната економска логика, им штети на интересите на компаниите на глобално ниво и има негативно влијание врз благосостојбата на населението, во суштина, на сите земји“, рече Путин.

Рускиот лидер оцени дека како резултат на сето тоа, проблемите во глобалната економија ќе станат хронични, наведувајќи ги во тој контекст намалувањето на деловната активност, зголемената невработеност, недостигот на суровини и компоненти, влошувањето на проблемите во обезбедувањето на глобалната безбедност на храната, поскапување на житариците и другите основни земјоделски производи.

„Претприемачите во нашите земји (БРИКС) ќе мора да развијат бизнис во тешки услови бидејќи западните партнери ги занемаруваат основните принципи на пазарната економија, слободната трговија, неповредливоста на приватната сопственост, следејќи фундаментално неодговорен макроекономски курс, вклучувајќи започнување печатење пари, неконтролирано издавање и акумулација на необезбедени долгови“, рече Путин.

Според него, макроекономската политика на Русија покажува ефективност наспроти надворешните санкции.

„Нашата макроекономска политика всушност се покажа како ефикасна. Успеавме да го заштитиме рускиот финансиски систем и да почнеме да ја стабилизираме ситуацијата во индустријата обезбедувајќи насочена социјална поддршка на граѓаните“, рече рускиот претседател.

Слични содржини