Рама: Албанија е заложник на ќор-сокакот меѓу нашиот сосед Северна Македонија и Бугарија

од Берта Китинска

Под покровителство на албанскиот Парламент, во Тирана се организира 18-та конференција на претседателите на Јадранско-јонската иницијатива на која ќе учествуваат делегации од парламентите од регионот и пошироко, јавува AA.

Албанија е заложник на спорот меѓу нашиот сосед Северна Македонија и Бугарија, изјави денеска албанскиот премиер Еди Рама во обраќањето на Конференцијата на претседателите на парламенти на Јадранско-јонската иницијатива (ЈЈИ), што се одржува во Тирана.

Рама рече дека нема друго решение освен трпение и изрази загриженост за многуте проблеми во евроинтеграцискиот процес.

„Процесот кон ЕУ е невротичен процес. Албанија е заложник на ќор-сокакот меѓу нашиот сосед Северна Македонија и Бугарија. Тоа е една од оние ситуации што ЕУ може да ги создаде. Нема книга и искуство ниту какво било објаснување како може тоа да се третира. Тоа е пример како можеш да останеш заложник на споровите меѓу двете земји. Но, еве, тоа е, како што велеше Доналд Трамп. Не смееме да го изгубиме трпението ниту желбата за Европа“, рече меѓу другото Рама во своето обраќање.

Албанскиот премиер истакна и дека Европа е во секој план на Албанија и е првиот слободен избор на неговата земја бидејќи, како што рече, „досега биле под власт на различни империи против нивна волја“.

„Целта на Албанија е да ги промовира соработката и мирот во Европа. Во нашите планови нема друга алтернатива освен Европа. Имаме многу да му дадеме на регионот бидејќи проблемите можат само да создадат поделби“, порача Рама.

На настанот, кој по иницијатива се организира на крајот на ротирачкото претседателство на Албанија, присуствуваат претседателката на албанскиот парламент, Линдита Никола, претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, претставници на парламенти на други земји во регионот, како и делегации од Италија и Грција.

Слични содржини