Редари ќе стојат на врата : „Aко сакате да одите по кафулиња, вакцинирајте се“

од Берта Китинска

Сите лица кои ќе сакаат да присуствуваат на настани каде има повеќе од 30 лица ќе мора да покажат сертификат дека примиле барем една доза на вакцина.

„Секој граѓанин кој сака да посетува угостителски објект треба да биде вакциниран. ДПИ ќе ги засили контролите, а и објектите треба да имаат редарски служби. Од 16-ти август во внатрешните простории не може да влезат гости. Надвор, на терасите, треба да се почитуваат протоколите и плус сега, со дополнувањето, да се има потврда за вакцинација“, рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој  појасни дека потврдите за вакцинирање ќе се бараат на влез на угостителеските објекти.

– При влез на секој гостин во угостителски објект ќе се бара потврда за вакцинација и тоа ќе го прават редарите што ќе ги организираат менаџерите на угостителските објекти, тоа е нивна обврска, а  државниот пазарен инспекторат ќе врши контроли во сите објекти за да видат дали тоа се почитува или не. Во објектите кои имаат обврска да организираат редари ако најдеме невакцинирано лице, казна не плаќа тоа лице туку угостителот. Значи секој граѓанин кој сака да посети угостителски објекти мора да биде вакциниран и да има сертификат за вакцина. Останатите мерки си останува да си важат, како што е четвротица на една маса и дистанца. За непочитување на оваа мерка граѓаните нема да бидат казнети, ќе се казнуваат угостителските објекти. Значи ако сакате да одите по кафулиња, вакцинирајте се објасни Бектеши.

Почнувајќи од 16 август, во затворени простории во угостителските објекти не смее да има гости. А сертификат за вакцинација ќе се бара и во отворените простории каде има над 30 лица. Објектите кои се со капацитет под 30 гости, не се обврзани да имаат редарски служби, но сепак објектот ќе биде контролиран од Инспекторатот, па ова може да се протолкува дека и во објектите со помал капацитет, за да влезете, ќе ви биде потребен сертификат за примена вакцина.

Слични содржини