Референдумот на Левица „битка под маса“ за прибирање поголемо гласачко тело или сериозно спроведување на институционална „операција“?

од Берта Китинска

Левица поднесе иницијатива за референдум до Државната изборна комисија (ДИК ) и најави собирање на 150 илјади потписи, притоа потенцирајќи дека не очекуваат „сопки“ во Собранието. Референдумското прашање велат дека го следи примерот од Преспанскиот договор кое гласи: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година“.

Полтичкиот аналитичар Благојче Атанасоски смета дека иницијативата на партијата на Апасиев е „битка под маса“ за, како што смета тој, прибирање на што повеќе гласачко тело од незадоволството на народот од т. н, француски предлог .

-Единствено Левица е друга посериозна партија надвор од ВМРО-ДПМНЕ која сака референдумско изјаснување. Повеќе тоа го гледам во нивна битка под маса за прибирање на што повеќе гласачко тело од незадоволството на народот од т. н,, француски предлог “, одошто сериозност во спроведувањето на таков вид на институционална операција. Веќе и Левица и ВМРО-ДПМНЕ црпат гласови од истиот гласачки потенцијален басен и ќе гледаме во иднина заострени реторички односи, а можеби и директен судир меѓу двајцата самобендисани, самоуверени и надмено-арогантни лидери на овие две опозициски партии кои имаат поголеми суети од тие на едни Никола Груевски и Бранко Црвенковски заедно!, вели Атанасоски.

Тој смета дека во овој момент опозицијата не може да издејствува ниту референдум, ниту предвремени избори.

-Напротив после расколот со,, независната” градоначалничка од нивните редови, ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе во внатрешно филтрирање и прочистување, во еден судир на подземни и ,,невидливи” струи и структури и ќе бидеме сведоци дека лидерот Христијан Мицкоски се повеќе ќе има внатрешни борби за зачувување на фотељата во Белата Палата во идниот политички период кој следува одошто да предизвика предвремени парламентарни избори. На меѓународната заедница тие не и одговараат, па токму затоа и нема да се случат во 2023-тата година. По се изгледа ќе гледаме двојни избори во еден изборен ден во 2024-та напролет, редовни парламентарни со редовни претседателски, подвлекува Атанасоски.

Според политичкиот аналитичар Бесим Небиу, прашањето на Левица е многу појасно и поконкретно од претходното кое го предложи ВМРО-ДПМНЕ.

-Ваквото прашање не остава многу простор за двоумење, тактиизирање и интепретации кај гласачите. Овој референдум би значел јасна поделба на оние кои се за продолжување на нашиот пат кон ЕУ, и оние кои се против. Теоретски и гледано од чисто формална-правна гледна точка, за да успее референдумот е потребна излезност од 910 илјади гласачи, број кој што се чини дека е невозможен (за сппредба на последните два изборни цисклуси не излегле ВКУПНО толку гласачи). Левица е секако свесна за овој момент, но сака да профитира политички кај евроскептичниот дел од јавноста, како и од тие гласачи кое се проруски насгтроени. Не сум сигурен дека на ВМРО – ДПМНЕ сосема и одговара таков расплет, со оглед на тоа што целните групи на гласачи на овие две партии се повеќе се слични, посочува тој.

Небиу потенцира дека СДСМ и партиите во нејзината коалиција и ниту една од Албанските партии нема да го поддржаат референдумот.

-Тука зборуваме за околу 400-500 илјади гласови кои од старт нема да излезат на референдум. Ако се случи, рефередумот ќе биде само еден процес на пребројување на гласачкото тело на опозиицијата, и тоа веројатно е единствената мерка на успех за иницијаторите. Ако успеат да дојдат до излезност од над 400 илјади гласачи тие сметаат ќе имаат моментум и посилни аргументи за рушење на оваа влада, без разлика што таквиот референдум нема да помине од формално-правна песпектива, појасни тој.

Професорот Самоил Малчески смета дека доколку референдумското прашање помине во ваков формат тоа не би значело дека „ние ќе ги продолжиме преговорите со ЕУ во некое блиско идно време“.

-Во овој момент преговорите со ЕУ се во ќор сокак заради два моменти. Првиот е т.н. договор за добрососедство, а вториот е неспособната и криминална Влада на тандемот ДУИ-СДСМ. Доколку референдумското прашање помине во ваков формат тоа не значи дека ние ќе ги продолжиме преговорите со ЕУ во некое блиско идно време, сеуште ко Дамалков меч ни стои т.н. договор за добрососедство кој донесе се само добрососедство не, нормално огромна пречка е и криминалниот тандем ДУИ-СДСМ. Оттука, по мене логично спас од овој ќорсокак во кој се наоѓаме е поништувањето на штетниот договор и предвремени парламентарни избори, се друго е импровизација и ловење на евтини политички поени, појаснува тој.

Според него партијата на Апасиев нема комодитет за да може едноставно да се „впуштат во една ваква авантура или да се однесуваат вака неодговорно“, како што вели тој на штета на Македонските национални интереси.

– Левица е партија која на претходните избори имаше далеку под 150000 гласови, онолку колку што треба да се соберат потписи за да има референдум. Па оттука, тие немаат комодитет за да можат така едноставно да се впуштат во една ваква авантура или да се однесуваат вака неодговорно, а пред се на штета на Македонските национални интереси. Мое мнение е дека поддршка се бара и преговара пред да се почне некоја иницијатива. Сега е веќе доцна да зборуваме за тоа, вели тој.

На прашањето што ќе успее да издејствуа опозицијата референдум или предвремени избори, тој појаснува дека што и да се случи прво „тоа ќе биде крајот на оваа криминогена Влада и нивните предавнички политики“.

– Едно е сигурно, власта и Ковачевски се плашат и од референдум и од предвремени избори, па бегаат и од едното и од другото. Ако се сигурни во нивните „политики“ и во поддршката која кажуваат дека ја уживаат во народот, јас не гледам причина зошто тие „политики“ да не добијат поддршка на референдум или на предвремени избори. По мое мнение, што и да се случи прво тоа ќе биде крајот на оваа криминогена Влада и нивните предавнички политики, вели Малчески.

Б.М.

Слични содржини