Рекорд на Црна Гора: 10.000 вакцинирани за еден ден

од Nikola Popovski

За време на првиот ден на масовната имунизација против коронавирус во Црна Гора, речиси десет илјади граѓани примиле вакцина, соопшти синоќа тамошното Министерството за здравство.

„Од таа бројка, применети биле 7.784 први дози и 1.482 втори дози. Црна Гора на тој начин постави рекорд во Европа по бројот на дози дадени за еден ден, пропорционално на бројот на жители. Според достапните податоци, досега, рекордер беше Германија, која вакцинираше еден милион жители за еден ден, што е 1,2 проценти од целото население. Сепак, Црна Гора денес вакцинираше 1,5 процент од населението“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Министерката за здравство, Јелена Боровиниќ Бојовиќ, објавила дека Црна Гора е меѓу ретките земји во светот која, пропорционално на бројот на жители, има капацитет да вакцинира скоро 10 илјади граѓани во еден ден.

„Ова е успех на целата земја, со акцент на граѓаните чија свест за важноста на вакцинацијата е за „чиста десетка“, рече Боровиниќ Бојовиќ.

Во соопштението се наведува дека вкупно 74.947 дози вакцини за коронавирус биле дадени во Црна Гора до 4 мај.

„Од тоа 48.719 граѓани ја примија првата вакцина, а 26.226 се целосно вакцинирани“, се заклучува во соопштението.

Слични содржини