„Реплек“ на престижниот Саем за фармација во Барселона (CPHI)

од Vladimir Zorba

„Реплек“ продолжува со активностите за зајакнување на пазарните позиции и промоција на фармацевтското портфолио. Годинава „Реплек АД“ повторно учествува на престижниот Саем за фармација (CPHI) во Барселона, каде има можност да ги унапреди своите позиции на странските пазари и да ја продлабочи соработката со останатите фармацевтски компании од светот.

„Нашето учество на Саемот е значајна можност да ги унапредиме веќе постоечките партнерства, како и да ги зацврстиме пазарните позиции и да го презентираме нашето портфолио. Наша стратешка цел е освојување на нови пазари, па оттука овие престижни фармацевтски случувања се од огромно значење. Извозната стратегија, надополнета со континуирано зајакнување на производното портфолио, се покажа успешна, а најдобар показател за тоа се финансиските резултати во сегментот фармација од првите девет месеци за 2023 година, кои покажуваат 44% раст на приходите од продажба, а дури 52% раст на продажбата на странски пазари“, истакна Душан Пецовски – генерален директор на „Реплек“.

Дел од стратегијата за зајакнување на пазарните позиции и проширување на странски пазари на компанијата се и активностите за подобрување на конкурентноста на производите, преку иновативни решенија, промоција на производите и градење на одржливи партнерства. Околу 82% од портфолиото на „Реплек“ се пласира на пазарите на повеќе од 20 земји во Европската Унија, Централна и Југоисточна Азија, како и регионот Адрија. Некои од производите од фармацевтската програма на компанијата се меѓу најпродаваните на одделни пазари, што е дополнителна потврда за квалитетот и висока конкурентност на глобално ниво.

Престижниот Саем за фармација CPHI постои од 1990 година и претставува централен настан кој ги обединува најголемите фармацевтски компании во светот, а секоја година се одржува на различна локација. Значајно е што, покрај можностите за промоција и презентација на производните портфолија на фармацевтските компании, овој настан овозможува и бизнис комуникација помеѓу учесниците во текот на целата година. Тоа на компаниите им обезбедува можност за градење одржливи партнерства, нови пазарни можности, како и унапредување на квалитетот на производите. Настанот собира над 40.000 учесници и над 7000 изложувачи и претставува можност за фармацевтските компании да ги претстават своите производи, како и да стекнат нови знаења од врвни експерти за унапредување на квалитетот на производите.

Слични содржини