Ресторан во Прага нуди десерт во облик на коронавирус, веќе стана хит

од Aleksandar Petrovski

Ресторан во центарот на Прага нуди десерт во форма на коронавирус, кој многу брзо стана хит, а угостителите се надеваат дека тоа ќе им помогне да го запрат падот на бизнисот предизвикан од пандемијата.

Ресторанот Блек Мадона обично беше преполн со туристи кои му се воодушевуваа на неговиот кубистички ентериер, но поради пандемијата на коронавирус, нивниот број нагло падна бидејќи Чешка се бореше со една од највисоките стапки на инфекции во Европа.

Креаторот на десерти Олга Будник изјави дека идејата ја добила за време на карантинот во пролетта, пишува Ројтерс.

„Најдов фотографија од коронавирусот на Интернет и детално сфатив како се прави десерт, шила, каква боја ќе биде, го подготвив сето тоа“, рече Будник за Ројтерс.

Тоа е десерт кој е малку помал од тениско топче, има кора од чоколадо, а „шилата“ на вирусот се прават од бело чоколадо и суви малини.
Внатре има крем од фстаци со пире од малини и малини на средина. Овој деликатес постигна голем успех и се продава повеќе од 100 парчиња на ден, а бројот продолжува да расте.

„Кризата со корона значеше голем пад на прометот за нас. Во исто време, тоа беше можност да се стави торта во форма на коронавирус што е симбол и покажува дека не е сè изгубено”, изјави менаџерот за маркетинг во ресторанот Војтех Херманек.

Будник, Украинка, која живееше во Прага во последните шест години, веќе разгледува нов десерт на тема вакцина за коронавирус, која треба да има вкус на цитрус и ликер.

„Ќе има многу лимета со малку алкохол“, најави Будник.

Слични содржини