РЕВИЗИЈА НА ПОДАТОЦИТЕ: Перу земја со најголема стапка на смртност од корона во светот

од Stefanija Kuzmanovska

Во Перу, бројот на смртни случаи од последиците на коронавирус е двојно зголемен по ревизијата на податоците. Така, Перу стана земја со најголема смртност во светот во однос на вкупното население.

Официјалниот број на жртви од коронавирус во Перу сега изнесува 180.764 во население од околу 32,6 милиони жители, што е огромен пораст од претходниот официјален број од 69.342 жители.

Премиерката Виолета Бермудез пред новинарите изјави дека овој број е собран според препораките на перуанските и меѓународните експерти.

„Она што може да се види е дека значителен број смртни случаи не беа класифицирани како предизвикани од ковид 19“, рече министерот за здравство Оскар Угарте, додавајќи дека се смениле критериумите за утврдување на коронавирусот како причина за смрт.

Угарте рече дека претходно се сметало дека само оние кои „имале позитивен дијагностички тест“ починале од вирусот, но оттогаш се утврдени други критериуми.

Новите бројки вклучуваат смртни случаи пријавени во периодот од март 2020 година до 22 мај оваа година.

Слични содржини