Ристовски: Македонија повторно ќе стане јаболко на раздорот, ако се игнорира остварувањето на национален интерес 

од Берта Китинска

Клучно прашање за регионот и за ЕУ перспективите е односот кон македонскиот национален стратегиски интерес. Македонија, повторно ќе стане „јаболко на раздорот“ како во Балканските војни од минатиот век, со силен потенцијал за воена криза од меѓународни размери, доколку и понатаму се игнорира потребата за остварување во сета полнота на македонскиот национален интерс во своја татковина, вели за „Локално“ лидерот на Интегра, проф. д-р Љупчо Ристовски.

Ристовски смета дека колку побрзо ќе ја сфатиме важноста и значајноста на остварениот македонски национален стратегиски интерес во татковината толку побрзо ќе се придвижиме кон  ЕУ стандардите и посакуваниот квалитет на животот.

„Се` додека се оди по линија на силно изразени екстремизми од чија било страна, се` дотогаш ќе назадуваат процесите и во тој вакуум ќе се инфилтрираат други туѓи агенди, со изразен висок степен на неизвесност. Поттик за евроинтеграциите е потребен, потребен е латерален пристап, потребна е мудрост и разум, потребна е и политичка волја на сите инволвирани страни. Но, најважно, ќе повторам, потребно е да ги градиме односите и релациите едни кон други на карпеста основа, а не на песочна. Потребни се меѓусебна почит, во идентитетска смисла особено. Но, посегање по туѓото е недозволиво, ниту под притисок, ниту било како. Македонија и Македонскиот народ се слободоумни, мислечки индивидуи, кои имаат разбирање и почит за сите други, редно е да настане пресврт, свртување за 180 степени или метаноја, во односите едни кон други, со цел да се прифатиме како такви, да подадеме рамо едни за други, да си подадеме рака едни на други и да започне еден процес на мирен прогрес и просперитет на сите нации и народи во регионот на ЈИ Европа“, објаснува лидерот на Интегра.

Тој смета дека не смееме повеќе да си дозволиме некој да си поигрува со оган, неодговорно и безумно.

„Се` што не назадува, мора веднаш да биде спречено, со силна и монолитна општествена акција, ќе мора и државата да развива отпорност кон сите замки, стапици и измама на патот кон ЕУ и кон меѓународно етаблирање на Македонија како држава, и на нас, како Македонски народ во своја татковина“, реагира Ристовски по изјавата на шефот на државата Пендаровски непосредно по завршувањето на Самитот во Словенија каде рече:  „Европското проширување кон Западниот Балкан е во застој од различни причини и тие причини не се само во регионот, има добар дел од нив и во Брисел, меѓутоа факт е дека потребен е нов поттик на евроинтеграциите. Во спротивно, некои други алтернативни модели на владеење и некои други регионални организации кои не се од Европскиот континент ќе добиваат на значење“.

Б.М.

Слични содржини