Русија ја прекина испораката на гас и за Данска

од Vladimir Zorba

Најголемата данска енергетска компанија денеска објави дека Русија ги прекинува испораките на природен гас поради тоа што одбива да го плати во рубљи.

Ова е уште една ескалација на тензиите во енергетиката во Европа поради војната во Украина, коментира АП.

Веќе на крајот на април Русија ја прекина испораката на гас за Бугарија и Полска, а во мај и за Финска, која исто така одби да го исполни барањето да плаќа во рубљи.

Вчера во Москва беше „исклучена чешмата“ на Холандија.

Данската енергетска компанија „Орстед“ соопшти дека не очекува да ги намали испораките на природен гас за своите клиенти.

„Остануваме цврсти на ставот дека нема да плаќаме во рубљи. Подготвени сме за овој развој на настаните“, изјави извршниот директор Мадс Нипер. Компанијата објави дека поради прекинот на руските испораки, Данска ќе почне да купува поголеми количини гас од европските пазари на гас.

Според данската агенција за енергетика, во првите 18 недели од 2022 година, испораките на руски гас сочинувале околу 25 отсто од потрошувачката на ЕУ. Агенцијата објави дека прекинот на руските испораки нема да има непосредни последици за земјата.

„Имаме резерви на гас и испораките до нашите клиенти се уште се загарантирани“, велат од агенцијата. Во Данска на гас се греат околу 380.000 домаќинства.

Кон крајот на март, рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој се бара од т.н „непријателските земји“ да почнат да го плаќаат рускиот природен гас во рубљи. Тоа се случи еден месец откако Москва започна воена инвазија на Украина што ги натера САД, Велика Британија, земјите-членки на ЕУ и други земји да воведат санкции кон Русија.

Слични содржини