„S&P“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава ББ- со стабилен изглед

од Vladimir Zorba

Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава, ББ- со стабилен изглед. Стабилниот изглед, како што е нотирано во извештајот на Агенцијата, се должи на проактивното креирање политики на Владата на РС Македонија за ублажување на кризата произлезена од руско-украинската војна. Исто така, Агенцијата ги истакнува и напорите на Владата во насока на зајакнување на системот на јавни финансии, како што е новиот Закон за буџети којшто предвидува крупни реформи во насока на буџетското планирање и контрола на реализацијата.

Задржувањето на кредитниот рејтинг во континуитет и покрај ефектите од руско-украинската војна, енергетската и ценовната криза е од исклучително значење, бидејќи претставува позитивен сигнал и јасен показател за довербата на инвеститорите во политиките што се водат во земјата.

-РС Македонија ќе ги надмине влијанијата од конфликтот во Украина. Се очекува растот на економијата да зајакне во 2023 година, по прогнозираното забавување на растот во 2022 кое е резултат на индиректните влијанија од руско-украинскиот конфликт, првенствено изразено преку повисоките цени на енергијата. Инфлацијата ќе опаѓа како што се намалуваат ценовните притисоци”, се вели во извештајот, во кој се додава дека ризиците произлегуваат од руско-украинскиот конфликт, а напредокот во процесот на ЕУ интеграцијата оценуваат дека е основа за структурен и институционален развој што би ги поддржале економските перспективи.

Од „Стандард и Пурс“ за дефицитот посочуваат дека тој во 2022 година ќе изнесува 5,1 % со постепена консолидација во наредните четири години. Зголемувањето се должи на потребата да се обезбедат средства за нови антикризни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и подобрување на животниот стандард, повисоки пензии, ликвидност на стопанството, субвенции во земјоделскиот сектор.

Од Агенцијата наведуваат дека нето-приливот на странските директни инвестиции останува висок. Нето-приливот на странски директни инвестиции изнесува 100 милиони евра само во првиот квартал од оваа година. Дополнително, Владата на РС Македонија има за цел да ја зачува атрактивноста за странските директни инвестиции, а неодамна најави отворање на прва високотехнолошка економска зона-Скопје III.

Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат во предвид при носење на нивните одлуки.

РС Македонија кредитниот рејтинг ББ- со стабилен изглед го има од 2013 година во континуитет, и е особено значајно дека не е променет и покрај кризите со кои се соочуваше изминативе години, најпрвин здравствената па ценовната и енергетската.

Слични содржини