САД, ЕУ, Велика Британија и Канада воведоа нови санкции кон Белорусија

од Vladimir Zorba

Соединетите Американски Држави, Европската Унија, Обединетото Кралство и Канада воведоа нови санкции за белоруски физички и правни лица.

САД воведоа ограничувања за 20 физички лица и 12 ентитети, се наведува на веб-страницата на американското Министерство за финансии, пренесе Ројтерс.

Европската унија воведе санкции за белоруската државна авиокомпанија Белавија, обвинувајќи ја компанијата дека ги користи трансферите на мигранти како тактика за дестабилизација на европските земји.

Судии и високи белоруски функционери

Новите санкции на ЕУ беа одобрени минатиот месец и стапија на сила во четвртокот, по нивното објавување во Службениот весник на ЕУ.

Властите на ЕУ ставија на црната листа 17 физички лица и 11 деловни субјекти, вклучувајќи судии и високи белоруски функционери, а санкциите вклучуваат замрзнување на средства и забрана за патување.

Санкциите на ЕУ значат дека компаниите од ЕУ повеќе не можат да изнајмуваат авиони на белоруските авиокомпании, изјавија претставници на ЕУ.

Се уште не е познато дали Белавија ќе мора да врати 17 авиони изнајмени од авиокомпании во Ирска.

Белавија, на која претходно оваа година и беше забрането да лета над ЕУ, лета до дестинации како Египет, Јордан, Обединетите Арапски Емирати, Ерменија, Грузија, Азербејџан, Узбекистан и Казахстан.

Сериозни ограничувања

Обединетото Кралство воведе нови санкции за белоруски физички и правни лица и ги замрзна средствата на еден од најголемите светски производители на ѓубрива, OJSC Belaruskali.

„Овие санкции продолжуваат да таргетираат важни извори на приходи за режимот на Александар Лукашенко и ставаат сериозни ограничувања на одговорните за некои од најлошите антидемократски дејствија во Белорусија“, рече британската министерка за надворешни работи Лиз Трас во соопштението.

Канада воведе нови санкции за белоруски функционери и субјекти во координација со меѓународните партнери во знак на протест поради, како што рече, нападите врз човековите права и акти на репресија, рече Отава.

Канадското Министерство за надворешни работи соопшти дека работи заедно со САД, Европската унија и Обединетото Кралство.

Слични содржини